сабота, 27 јули 2024

Министерката за финансии порача дека САД нема да прифатат кинески увоз кој би ги уништил новите индустрии

Американската министерка за финансии Џенет Јелен ја предупреди Кина дека Вашингтон нема да прифати новите индустрии да бидат згазени од кинескиот увоз, откако ги заврши четиридневните состаноци чија цел беше да го убеди Пекинг да го заузда вишокот индустриски капацитети, пренесува Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Јелен на конференција за новинарите кажа дека американскиот претседател Џо Бајден нема да дозволи да се повтори „кинескиот шок“ од 2000-те, кога поплавата на кинескиот увоз уништи околу два милиони американски производни работни места.

Таа, меѓутоа, не се закани со нови царини или други трговски акции ако Пекинг продолжи со масовната државна поддршка на електричните возила, батериите, соларните панели и другите производи на зелената енергија.

Јелен го искористи своето второ патување во Кина за девет месеци за да се пожали дека преголемото вложување на Пекинг изградило фабрички капацитети кои далеку ја надминуваат домашната побарувачка, додека брзорастечкиот извоз на овие производи ги загрозува компаниите во САД и други западни земји.

Таа кажа дека во новоформираниот форум за размена, на кој би се разговарало за прашањето на вишокот капацитети, ќе му биде потребно време да дојде до решенија.

Јелен повлече паралели со болката која се чувствувала во американскиот сектор за челик во минатото.

„Веќе ја видовме оваа приказна“, им кажа таа новинарите. „Пред повеќе од една деценија огромната поддршка на владата на Народна Република Кина доведе до кинески челик кој беше под цената, го преплави глобалниот пазар и уништи индустрии низ светот и во Соединетите Држави.

Јасно дадов до знаење дека претседателот Бајден и јас нема да ја прифатиме таа реалност повторно“, истакна американската министерка.

Кога глобалниот пазар е преплавен со вештачки евтини кинески производи, кажа таа, „одржливоста на американските и другите странски фирми е доведена во прашање“.

Јелен кажа дека нејзините разговори со кинеските функционери ги унапредиле американските интереси и дека загриженоста на САД околу вишокот индустриски капацитети го делат и европските сојузници на Вашингтон како Јапонија, Мексико, Филипини и пазарите во развој.

Заменикот на кинескиот министер за финансии Лиао Мин им кажа на кинеските медиуми дека Пекинг „целосно одговорил“ на американските прашања за преголемите капацитети и изразил „сериозна загриженост“ поради ограничувањата кои Вашингтон ги наметнува во трговијата и инвестициите.

Лиао кажа дека кинеските „моментално конкурентски предности се вкоренети во кинескиот пазар со големи размери, комплетниот индустриски систем и обемните човечки ресурси“, осудувајќи ја „ескалацијата на зелените протекционистички мерки од страна на некои развиени економии“.

„Кина нема да седи со скрстени раце и да го игнорира тоа“, порача Лиао.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ