сабота, 27 јули 2024

Министерката Петровска на средби во Пентагон и Стејт департментот

Објавено на

часот

Сподели

Како што информира Министерството за одбрана, за време на работната посета на САД, министерката Петровска ќе има средба и со помошничката на државниот секретар и шеф на Бирото за воено-политички работи, Џесика Луис, во Стејт Департментот.

„Со соговорниците ќе разговараме за транслатлантското партнерство, промовирањето на евро-атлантските вредности, актуелните геополитички случувања и безбедносни закани, но ќе стане збор и за проектите за модернизацијата на Армијата кои ги реализираме со значајна американска помош и американска опрема од најновата генерација“, порача Петровска од Вашингтон.

Агендата на министерката Петровска предвидува и учество на првиот стратешки дијалог помеѓу Македонија и САД каде ќе биде дел од делегацијата на македонската влада предводена од министерот за надворешни работи, Бујар Османи, а во чиј состав ќе бидат и министерот за економија Крешник Бектеши и министерката за култура Бисера Костадиновска.

„Преку одржувањето на стратешкиот дијалог, Северна Македонија и САД влегуваат во нова фаза во изградба на меѓусебните релации, што е особено значајно не само за земјата, туку и за целокупниот регион, особено во контекст на актуелните безбедносни закани. Воедно, тоа е и израз на нашите заеднички заложби за зајакнување на врските и промовирање на споделените вредности за демократски развој и стабилност во регионот“, нагласи Петровска.

Програмата на посетата на Петровска, исто така, предвидува и средби во Белата куќа, во Националниот Совет за безбедност, како и средби со високи официјални претставници на НДИ и ИРИ. Петровска на овие средби ќе биде заедно со министрите кои ќе бидат дел од стратешкиот дијалог помеѓу Македонија и САД .

Агендата на Петровска вклучува и посета на Пенсилванија и средба со проректорот на Воениот колеџ, Џејмс Брекенриџ, како и со офицерите на Армијата на Македонија кои се во моментов на школување во оваа престижна военообразовна институција во САД.

Министерката Петровска ќе се сретне и со директорот на Агенцијата за безбедносна соработка, Џејмс Хрш, ќе положи венец на Гробот на непознатиот војник на Националните воени гробишта „Арлингтон”, а ќе има и заедничко интервју за Гласот на Америка на македонски јазик, со заменик-помошничката на секретарот за одбрана на САД, Лора Купер.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ