петок, 20 септември 2024

Минчев: Нема ново законско решение за балансерот, за тоа потоа, по одлука на Уставниот суд

Не ја коментираме времената мерка на Уставниот суд за балансерот, со изготвување на законско решение ќе почекаме додека нема конечна одлука на судот, изјави денеска министерот за јавна администрација, Горан Минчев. Тој потенцираше дека лично ја поздравува одлуката на Уставниот суд и повтори дека балансерот со години се злоупотребувал.

Објавено на

часот

Сподели

„Уставниот суд донесе времена мерка со којашто се стопираат одредени одредби или членови токму од овие закони кои општо се предмет на дебата, а тоа се законите за вработените во јавниот сектор и законот за административните службеници. Во принцип Министерството за јавна администрација не ја коментира времената мерка на Уставниот суд, затоа што таа е извршна и се спроведува. Ако ме прашате за мој личен став јас досега кажав дека балансерот, како една од тие одредби коишто со времената мерка се стопираат, како дигитална алатка во минатото навистина беше предмет на злоупотреби. Во тој контекст одлуката на Уставниот суд ја поздравувам“, изјави Минчев, кој учествува на втората јавна дискусија од кампањата „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација“ што се одржа во Куманово.

Во однос на законските решенија, министерот Минчев рече дека во моментот не може да каже дали ќе има ново и какво ќе биде законското решение, ќе се чека на конечната одлука на Уставниот суд.

„Во зависност од тоа каква ќе биде одлуката на Уставниот суд ние би пристапиле кон евентуално ново законско решение коешто, патем мора да кажам, е уставна категорија“, изјави министерот за јавна администрација.

Одговарајќи на новинарски прашања, Минчев кажа дека осудува какви било протести и дека во рамки на владината коалиција ќе има отворена дебата. Како Влада додаде, се залагаат за сеопфатна реформа на администрација која треба да се базира на професионалност, стручност, квалитет и знаења.

„Законот не е во подготовка, Министерството за јавна администрација е носител на овие две законски решенија и јас се надевам дека во рамките на владината коалиција ќе имаме отворена дебата за она што следува, каков било повик на протести или пак на дестабилизација на државата за укинување или пак за времена мерка на балансерот ги осудувам. Сметаме дека е дојдено времето како Влада да направиме сеопфатна реформа во јавната администрација, но таа ќе мора да се базира на знаења, квалитет, стручност и професионалност. Само така можеме како држава да одиме напред“, кажа Минчев.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ