сабота, 27 јули 2024

Минатото лето беше најжешкото во изминатите 2000 години

Минатогодишното лето на северната хемисфера беше најжешкото во изминатите 2.000 години, покажува новото истражување објавено во списанието Нејчр во вторникот.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Научниците претходно објавија дека 2023 година е најтоплата година на глобално ниво од почетокот на мерењата во 1850 година, но студијата во списанието Нејчр сугерира дека климатските промени предизвикани од човекот ги поместија летните максимуми далеку повеќе од она што е забележано во два милениума.

„Не би требало да сме изненадени од тоа“, изјави водечкиот автор на студијата Јан Еспер за АФП.

„За мене тоа е само продолжение на она што го започнавме со ослободувањето на стакленичките гасови кои предизвикуваат глобално затоплување“, рече Еспер, професор по климатологија на германскиот универзитет Јоханес Гутенберг.

Научниците користеле податоци од годовите на дрвата на локации низ западната хемисфера за да ги проценат глобалните температури помеѓу првиот век од нашата ера и 1850 година, пред појавата на современите инструменти.

Врз основа на анализираните податоци, летото 2023 година беше очигледно најжешкото во изминатите 2.000 години. Температурата минатото лето се покажа дека е најмалку 0,5 степени Целзиусови над онаа во 246 година – најжешкото лето пред да започнат директните мерења и долго пред да се појави затоплувањето предизвикано од човекот.

Истражувачите исто така открија дека минатото лето било дури 3,93 степени Целзиусови потопло од она во 536 година, кое било најстудено лето во записите на прстените на дрвјата поради вулканска ерупција која исфрлила честички што рефлектираат сончева светлина во атмосферата.

Иако наодите не се изненадувачки, со оглед на тоа колку добро климатските научници ја разбираат траекторијата на трендот на глобалното затоплување, „прилично е импресивно што може да се вратите 2.000 години наназад и да знаете дека сме имале потопла година од која било од тие поединечни години“, вели Вики Томпсон, климатски научник од Кралскиот холандски метеоролошки институт, кој не бил вклучен во новата студија.

Еспер вели дека 2023 година веројатно не означува голем скок во затоплувањето. Туку „мислам дека тоа е само продолжение на трендот“, вели тој. Таква топлина „се очекуваше, можеби не во оваа конкретна година“, но во оваа деценија.

Коавторот на студијата Макс Торбенсон им рече на новинарите дека 25 од изминатите 28 години ги надминале летните максимуми од 246 година – најтоплата пред почетокот на современите температурни рекорди.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ