петок, 26 јули 2024

Милошоски: Османи измамници со дивоградби ги поставува за амбасадори

Зошто министерот Бујар Османи во Индија испратил амбасадор за кој судот одлучил да му се конфискува незаконски стекнат имот, прашува пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски.

Објавено на

часот

Сподели

Тој смета дека амбасадорот на Македонија во Индија Слободан Узунов треба под итно да биде отповикан затоа што е недостоен да ја врши таа висока државна функција, без разлика колку им е близок на функционери од СДСМ и на министерот Османи.

„Еве зошто: Фросина Ушлиновска, Слободан Узунов и Кирил Бухов (вториот е братучед, а третиот сопруг на Ирина Бухова, поранешна директорка на Државен здравствен инспекторат) се основачи на фирмата „Инженеринг ОК Групација”. Со судска пресуда од декември 2018 утврдено е дека оваа фирма на улицата Хелсинки бр.49 (Тафталиџе1, Карпош) изградила зграда без дозвола за градба, изработила фалсификат одобрение за градба и противправно се стекнале со имотна корист преку продавање на стамбен простор во дивоградба со лажна документација и измамиле пет фамилии кои уплатиле 200.000 евра за станови кои сè уште не ги добиле.

Судската пресуда, која станува извршна во 2021 година, налага од Фросина Ушлиновска, амбасадорот Слободан Узунов и Кирил Бухов да се конфискува непосредна и посредна имотна корист стекната со извршување на кривично дело и да им се врати на оштетените пет фамилии, кои останале и без пари, и без станови.

Но, и покрај ваквото дело, ниту МНР Османи, ни Владата, немале проблем во март 2021 година да донесат одлука Слободан Узунов да биде именуван за амбасадор во Индија. Министерот за надворешни работи Османи требало да знае за овој случај бидејќи оштетените фамилии очајно ја барале правдата и за овој криминал неколку пати писмено ја известиле Владата, Јавното обвинителство, Народниот правобранител, Хелсиншкиот комитет и градоначалниците на општина Карпош, Стевчо Јакимовски и Стефан Богоев. Во меѓувреме, основачите на фирмата, меѓу кои и амбасадорот Слободан Узунов, преку правни трикови се обезимотиле, што може да се види и од неговиот празен анкетен лист во регистарот на ДКСК и сега амбасадорот ‘нема’ средства, нема приходи, ниту има имот за да плати обесштетување на жртвите на измамата. Не знам дали МНР воопшто му уплаќа плата на трансакциска сметка?!

Во текот на целата оваа голгота за пет фамилии, двајца од уплаќачите на овие дивоизградени станови веќе починале, другите се на улица, а дивоградбата во срцето на општина Карпош (улица Хелсинки бр.49) е запленета од Агенцијата за управување со одземен имот. А Бујар Османи ни зборува за европски вредности.

Пред министерот Османи да се обиде да ја сокрие својата неспособност позади флоскулата ‘лажни вести’, му препорачувам да направи увид во пресудата бр.1411/19 од Кривичниот суд Скопје, како и да го побара предметот од Агенцијата за управување со одземен имот, каде директор е нему добро познатиот Дритон Небиу. Потоа нека ни зборува за владеење на правото и за ‘европскиот фронт’ во кој измамници со дивоградби се поставуваат за амбасадори.

И за крај, Владата на Република Македонија и претседателот Пендаровски под итно треба да донесат одлука за отповикување на амбасадорот Слободан Узунов, согласно чл.36 од Законот за надворешни работи, бидејќи не е достоен да ја извршува оваа највисока дипломатска функција“, пишува Милошоски на својот фејсбук-профил.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ