сабота, 27 јули 2024

Милошоски: Од брзање во Министерството за правда заборавиле да го усогласат бодувањето во АСЈО

Брзајќи да ги направаат судии роднините и соработниците на Рамиз Мерко (ДУИ), раководството на Академијата за судии и обвинители (АСЈО) денеска ќе одржи седница за да ги одреди датумите за полагање на квалификацискиот тест и на практичниот испит. Задачата за штелување на испитните бодови според рангот на „листата на 100-те подобни” ја имаат Џелал Бајрами, претседател на приемната комисија (екс министер на ДУИ) и директорката на Академијата, Габер Дамјановска (предлог на СДСМ), се вели во реакцијата на Антонио Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Објавено на

часот

Сподели

Тој вели дека при големото брзање се направиле и големи грешки. За него во Правилникот за полагање на приемен испит во Академијата за судии и обвинители (член 27) не е внесена измената на бодовите за устниот испит од член 45 од Законот за АСЈО, што е фактички доказ за неусогласеност меѓу Министерството за правда и Академијата и претставува класична правна несигурност.

„Пратениците од мнозинството заедно со неспособниот министер и заменичката за правда, го изменија Законот за АСЈО и направија правен хаос и неспроведливост на членот 45.

Имено, во Академијата тие што сакаат да се вработат како слушатели за идни судии и обвинители, треба да полагаат и практичен испит за кој пред законските измени беа предвидени вкупно 100 бодови (70 бода од писмениот дел и 30 бода од усмениот дел). Со законските измени (Сл.весник бр.53/2024), за да се зголеми уделот на субјективниот фактор во бодувањето, неспособните министерот Кренар и заменичката Мадиќ, предложија, а пратениците од СДСМ и ДУИ изгласаа, да се добиваат 35 бода од усмениот дел на испитот. И сега Законот за Академија за судии има контрадикторен чл.45 кој во ставовите 9 и 13 пропишува 105 бодови од полагањето на практичниот испит, а во ставот 14 на истиот член е императивно наведува дека ‘на практичниот испит можат да се освојат најмногу 100 бода’. Конфузијата е толку голема што во еден ист член 45, а во различни ставови и тоа: (9), (13) и (14) од Законот за АСЈО, се пропишува дека збирот од практичниот испит предвиден во ставовите (9) и (13) изнесува вкупно 105 бода, што е во спротивност со вкупниот број на бодови кој е пропишан за практичниот дел од приемниот испит во ставот (14), а кој пак изнесува вкупно 100 бода.

Со ова практично е оневозможена примената на чл.45 од законот во делот на бодувањето на устниот дел од приемниот испит, а сите кандидати за прием на почетна обука во академијата се доведени во правна несигурност, при добивањето на крајната оценка од приемниот испит преку пресметување на аритметичкиот збир од бодовите кои ќе се добијат од двата дела на приемниот испит. Ваквата правна несигурност преку утврдување на 35 бодови за устниот дел од практичниот дел на испитот и вкупниот збир од 105 бода, претставува ситуација со која овие бодови го надминуваат вкупниот максимален број на бодови за овој дел од испитот кои изнесуваат 100 бода, и имаат свое влијание при изготвувањето на прелиминарната ранг листа од чл.46 став (1) на законот, но и при објавувањето на ранг листата со конечни резултати од чл.48 став (1) на законот.

Сето ова со право на секој кандидат за слушател во Академијата ќе му даде основ за покренување на тужба пред надлежен суд поради погрешно и нееднакво пресметување на аритметичкиот збир на бодовите и утврдувањето на конечната оценка кај секој кандидат одделно и ситуација од носење на одлуки за поништување на јавниот оглас и постапката за вработување на слушателите во Академијата за судии и обвинители.

Доказ дека Министерството за правда е тотално неспособно е фактот што Управниот одбор на АСЈО, донесената законска измена од 28 февруари 2024 година преку измена на бодовите, не ја имплементирал во подзаконските акти на Академијата: Статут бр.02-347/3 од 07.08.2023 во чл.46 став (3) и во Правилникот за полагање приемен испит во АСЈО бр.02-370/4 од 18.09.2023, во чл. 27 став (2), оставил по старо да стојат 30 бода од усмениот дел на испитот, со што де-факто ја потврдил неспроведливоста на членот 45 од Законот за Академија за судии.

Затоа, доколку Управниот одбор и приемната комисија во Академијата не реагираат навремено на оваа законска контрадикторност, тогаш и тие ќе бидат соучесници во спроведувањето на оваа правна несигурност и законска конфузија од членот 45 од Законот за АСЈО, што повлекува кривична и политичка одговорност.

Затоа е најсоодветно, прво согласно чл.8а од Изборниот законик полагањето на овие испити да се стави во мирување до завршувањето на изборите (бидејќи е дел од постапка за вработување), и второ, раководството на Академијата за судии итно да ги извести неспособните министер и заменичката во правда, дека неодложно е потребна амандманска корекција на чл.45 од Законот за АСЈО за истиот да биде спроведлив и да не создава правна несигурност при бодувањето на кандидатите за идни судии и обвинители“, вели пратеникот Милошоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ