петок, 10 јануари 2025

Милитантното видео за Али Ахмети – предупредување со тон на закана за Македонија, или „виза“ за црната листа на САД

Демократската унија за интеграција речиси со секој политички чекор и реакција манифестира дека очигледно тешко ги поднесува деновите во опозиција, по стекнатата дведецениска навика да се биде дел од власта, и тоа со привилегијата за политичка неодговорност. Нарушената удобност на владеењето, во ДУИ се чини предизвикува потреба за навраќање на милитантното паравоено минато на ОНА (УЧК), што тие си го сметаат за „славно“, па деновиве на социјалните мрежи се појави видео, масовно споделувано од членови на партијата, со „глорификаторска“ монтирана содржина за лидерот Али Ахмети – како „воин кој никогаш не изгубил војна, бидејќи војниците му го подариле мечот“.

Објавено на

часот

Сподели

Од комуникациските канали на ДУИ, веќе е избришано радикалното видео кое го „прославува“ лидерот, но неговите „траги“ можат да се најдат во интернет-просторот. Индикативно е и тоа, што ова видео се појави во денот кога беше објавена новата наредба на американскиот претседател во заминување, Џо Бајден, со која се предвидуваат измени и дополнувања на извршната наредба 14033 од 2021 година. По дополнувањата на наредбата од 2021, со која се предвидуваше замрзнување на имотот и забрана за влез во САД на лица кои ја загрозуваат стабилноста на Западен Балкан, вклучувајќи ги оние лица кои работат против Преспанскиот и Охридскиот рамковен договор, се чини дека со „славеничкото видео“ од ДУИ како да го кандидираат својот лидер Ахмети за пласман на црната листа на САД .

Но пред да биде истакната „кандидатурата“ за црната листа на САД, македонските правници укажуваат дека односното видео содржи елементи кои повикуваат на уривање на уставниот поредок на Македонија и е кривично дело според македонските закони. Професорката Мирјана Најчевска како основа за кривично гонење го посочува членот 305 од Кривичниот законик.

„Споделување на видео со кое се повикува на насилно рушење на државните институции не може да биде наивно и не смее да се прикажува како минорна работа.

Секој кој споделува видео со воена содржина со која се поддржува или повикува на насилно рушење на уставниот систем треба кривично да биде гонет врз основа на член 305 од Кривичниот законик“, пишува на социјалните мрежи професорката Мирјана Најчевска.

Членот 305 од Кривичниот законик се однесува на кривично дело против државата – велепредавство, кој гласи: „Тој што со употреба на сила или сериозна закана ќе се обиде да го измени уставниот поредок на Република Македонија, или да ги собори највисоките државно органи, ќе се казни со затвор, најмалку пет години“.

На македонската јавност веќе ѝ е позната тактиката и практиката на ДУИ, дека кога ќе насетат загрозеност на привилегиите како политичка каста со „стекнати права“, да посегнуваат по активирање на меѓуетничките тензии и „предупредувања“ со тон на закани за безбедноста на македонската држава, а сè почесто и на регионот. Всушност, членовите на ДУИ постојано, речиси 20 години, ги „држат на штрек“ македонските граѓани со потсетувања дека во секој миг можат „да ги симнат од таваните чизмите од 2001“, или да не си ја бараат белјата тие „пораснати на гурабии и млеко“ наспроти оние од ДУИ израснати во „камени кули“…, а сега и со барање меч на „оној кој не изгубил ниту една војна“.

На ваквата реактивирана милитантна реторика на ДУИ, реагираа дури и довчерашните коалициони партнери на ДУИ од деновите на споделување на власта, СДСМ, од каде порачаа дека „ Ахмети треба конечно да излезе од националистичкиот филм“.

По последниот „кастнг“ на американската црна листа, каде се најдоа двајца истакнати протагонисти на ДУИ, поранешниот вицепремиер – Артан Груби ( во меѓувреме обвинет за криминална корупција и веќе е означен како бегачег од правдата во Македонија) и апелацискиот судија, Енвер Беџети, во партијата создадена од паравоена формација, како да им станува појасно дека деновите на привилегирана неодговорност пред законите се минато. Па многу „неочекувано“, предупредувањата на ДУИ, со тон на закана за безбедноста на Македонија, може да се претворат во „виза“ за црната листа на САД и нови поводи за соочување со правдата и законите во државата.

                                                                               Ј.П.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ