четврток, 26 декември 2024

Милијардерот Ал Фаед лажирал деменција за да избегне кривично гонење

Милијардерот Мохамед Ал Фаед се преправал дека има деменција за да може да избегне кривично гонење за сексуални злосторства, рече неговиот син Омар, пренесува британски Гардијан.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Полицијата сега верува дека Фаед силувал и злоставувал најмалку 111 жени и девојки во период од речиси четири децении.

Неговиот најмлад син, Омар Фаед, рече дека би сакал „истрагата да можела да почне додека тој бил уште жив“. Фаед почина минатата година, на 94 години.

Коментарите на Омар доаѓаат по откритието дека полицијата ја пропуштила можноста да покрене обвинение тогаш кога поплаките првпат се појавиле во 2017 и во 2018 година, кога неговиот татко бил во доцните осумдесетти години.

На една жена, која во 2018-та година пријавила во полиција за сексуално злоставување од страна на поранешниот сопственик на Хародс, ѝ било речено дека тој е престар за да биде кривично гонет и дека не е во добра состојба поради деменција.

Една година пред тоа Фаед бил тема на документарец на Канал 4, кој го обвини за сексуално вознемирување на младите вработени, вклучително и 17-годишна девојка, која во 1993 година ја вработил како лична асистентка. Имало неуспешен обид да се спречи емитувањето на документарецот со образложение дека Фаед е ментално неспособен.

Жртвата рекла дека Фаед ја замолил да се преслече во костим за капење пред снимањето со изговор дека неговиот син Доди, кој бил во врска со принцезата Дајана, би можел да ѝ помогне во филмската кариера. Таа кажала дека Фаед ја бакнал, и кога го турнала, тој ѝ рекол: „Ако не спиеш со мене, не можам да ти помогнам“.

Таа им рекла на медиумите: „Веста дека лажирал болест за да ја избегне правдата е ужасна, но е сосема во согласност со однесувањето на оваа одвратна личност, која веруваше дека може да дејствува неказнето. Многу е тажно поради толку жени што не се соочи со правдата додека беше жив“.

Гардијан претходно објави тврдења дека корумпирани полицајци му помогнале на Фаед да прогонува членови на својот персонал, меѓу нив и млада жена, која наводно ги одбивала неговите сексуални напади.

Фаед беше уапсен во 2013 година поради обвинувања за силување, но никогаш не беше обвинет.

Лондонската Метрополитен полиција не сакаше да ги коментира наводите на Омар Фаед дека неговиот татко ги излажал и поверувале дека има деменција.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ