„Црвено-жолтите“ утре ги почнуваат квалификациите за Светското првенство во 2026, прв предизвик за момците на Благоја Милевски е Лихтенштајн.
Во пресрет на натпреварот, селекторот на Македонија се појави пред новинарите, а првите прашања беа за огромната трагедија во Кочани која одзеде 59 животи.
„Тешко ми е да зборувам за тоа што се случи. Уште еднаш сакам да испратам сочувство до настраданите. Замолувам да се фокусираме на фудбалските прашања, навистина ми е тешко да зборувам за било што друго освен за фудбал“ – рече Благоја Милевски.
Што се однесува за пресметката во Вадуц, тој вели: „Дојдени сме да ја продолжиме победничката серија и тоа можеме да го направиме со нашето најдобро издание“.
„Ме радува тоа што Елмас, Барди и останатите конечно играат повеќе, но тие и онака секогаш го даваа максимумот кога играа за репрезентацијата, па и кога немаа минутажа во клубовите. Верувам дека сега ќе биде само подобро“.
„Со оглед на тоа дека одредени играчи се појавија повредени, првиот план ни пропадна. Но го имам составот во глава, знам со кои 11 ќе истрчаме утре на теренот против Лихтенштајн“.