сабота, 19 октомври 2024

Милевски: Среќен сум што има притисок, тоа значи дека сме на дофат на нешто големо

Селекторот на Македонија уште поцврсто ги сподели своите ставови на тема претстојниот натпревар со Украина, утре од 15 часот, потенцирајќи дека ќе биде различен натпревар од тој во Скопје, во јуни, само затоа што и двете репрезентации од него може да добијат нешто големо.
 

Објавено на

часот

Сподели

На денешната прес-конференција, Милевски ја истакна добрата форма на нашите репрезентативци по септемврискиот прозорец и тоа дека Македонија во многу наврати покажа дека знае да игра против посилни репрезентации.

„Не треба да се трошат зборови за квалитетот на Украина, составена од врвни играчи, кои играат во врвни европски клубови. Од друга страна, Македонија покажа дека може да биде конкурентна и со такви репрезентации. Ме радува формата од последниот УЕФА прозорец и се надевам дека таа енергија ќе ја задржиме“, рече Милевски.

И на првиот собир во Скопје нагласи дека очекува различен меч од оној на 16 јуни, поотворен и подинамичен, без разлика што и тогаш имаше пет гола.

„Утрешниот натпревар ќе биде комплетно различен од оној во Скопје, затоа што доаѓаме до фаза каде што и Украина и Македонија се со по 7 бода, на втората позиција, па само победа би ни одговарала и на двете репреентации. Затоа очекувам отворен и допадлив фудбал. Што треба да направи Македонија за да не ја повтори грешката? Да биде фокусирана додека трае натпреварот, а не до 60-65 минути како во Скопје. Тој натпревар е детално реализиран и воочени се аномалии не само во второто полувреме, туку и додека водевме 2-0. Се надевам дека нема да се повторат тие аномалиии и дека ќе бидеме во подобро светло. Ќе имаме промени во составот и кај нас и кај Украина, а сето останато ќе го зачувам за себе“, анализира Милевски.

Со победа, Македонија би дошла до 10 бода, чекор поблиску до второто место во групата Ц, кое носи во бараж за ЕП. Оттука, сигурно постои посилна желба и поголем стимул за успех, но селекторот вели дека момците секогаш се мотивирани.

„Без разлика на значењето на утрешниот натпревар, момците секогаш кога доаѓаат да играат за Македонија не се поставува прашање дали и колку се мотивирани. Тие секогаш покажуваат дека се тука за Македонија и дека максимално се мотивирани. Секој натпревар кога го играте за својата држава си носи сам по себе одреден притисок. Спортскиот притисок е нормален да го има. Што поголем е притисокот значи повеќе се очекува од вас. Затоа јас сум среќен и верувам дека така е и кај играчите, тоа значи дека сме во позиција да направиме нешто големо“, додаде селекторот.
 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ