Македонија го отвори новиот циклус во Лигата на нации со реми од 1-1 на гостувањето во Торшавн против Фарски Острови.
„Не сум задоволен од резултатот, како што напоменав и претходно, противникот беше незгоден, но ги имавме сите услови за игра, не можеме да се пожалиме на ништо друго освен таа вештачка трева“ – рече селекторот Благоја Милевски по крајот на натпреварот.
„Секогаш е тешко на првиот натпревар, можеби и најтешко. Но одиме понатаму, немаме време да жалиме, за два дена не чека Ерменија и нашата цел останува првото место во групата“.
Тој потоа потенцираше од кои фудбалери очекувал повеќе, и посочи што не му се допаднало од она што го видел во Торшавн.
„Очекував повеќе од дебитантите, од Иљазовски и Митровски, затоа ги заменив. Не сум задоволен од играта во првиот дел, можам да бидам задоволен од реакцијата во продолжението од мечот“.
„Исто така морам да признам дека ме загрижува тоа што денес не видов доволна емоција кај одредени фудбалери. Со таква таква емоција не може да се игра за македонската репрезентација“.