петок, 26 јули 2024
Застаре делото за екс шефот на УБК за „Титаник 2“

Мијалков:Правосудство 2:0

Објавено на

часот

Сподели

Последното одложено рочиште (30 март 2023 година) на јавната седница во Апелацискиот суд Скопје беше круна за уште една правна победа на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков. За него кривичното гонење за случајот „Титаник 2“ кој се однесува на изборни измами застарува денеска.

Иако Мијалков уредно се појави пред судот, тоа не го сторија другите обвинети што беше причина за одлагањето на јавната седница. Како што образложија тогаш од Апелацискиот суд Скопје, отсутните не биле уредно поканети.

Следното рочиште е закажано за 13 април годинава, рочиште, кое на Мијалков во правна смисла не му значи ама баш ништо.

Седум години држи, не давај, на ти го, дај ми го

Од првично покрената истрага за „Титаник 2“ до денеска поминале 86 месеци или 7 години и два месеци.

Истрагата за изборните нерегуларности од 2013 година под единствено име “Титаник“ ја започна поранешното Специјално обвинителство (СЈО) на 12 февруари 2016 година. Тогаш обвинителката Фатиме Фетаи на прес конференција обзнани дека СЈО се сомнева дека во 2012 година, високи функционери во тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ како и сите членови на тогашниот извршен комитет на партијата, меѓу кои беше и Сашо Мијалков, како и членови на тогашната Државна изборна комисија (ДИК) и членови на општинската изборна комисија (ОИК) од Чаир како и судии и нотари искористувајќи го своето влијание и службена положба, а заради понатамошно опстојување на власт на партијата, и на локално и на државно ниво создале група, која имала за цел да врши кривични дела против изборите и гласањето, а за кои кривични дела може да се изрече казна затвор од три години или потешка казна.

Од овој предмет подоцна произлегоа и „Титаник 2“ во кој што е обвинет Мијалков како и „Титаник 3“ во кој се обвинети двајца поранешни членови на ОИК Чаир.

Од почетокот на истрагата на СЈО за „Титаник“ во февруари 2016 година до поднесеното обвинение поминале 16 месеци или 1 година и четири месеци. На Основниот кривичен суд Скопје пак му требале уште шест месеци па така во декември 2017 година судот го одобрил обвинението за „Титаник 2“. Вкупно од почетокот на истрагата до одобрување на обвинението поминале 22 месеци односно 2 години без два месеци. 

Откако го одобри обвинението во декември 2017 година, на Основниот кривичен суд Скопје му требале дополнителни 5 месеци за да го закаже почетокот на судењето за месец април 2018 година. Но дури ни тогаш судењето не започна. Беше одложено за уште еден месец. Така официјалниот почеток е заведен во мај 2018 година. Причина за ова беше тоа што судот го прифати барањето на одбраната за одложување од еден месец, со цел обвинетите меѓу кои и Мијалков, да можат да го разгледаат прочистениот текст на обвинението. Во прочистениот текст го немашр делот од обвинението за петмината судии од Управниот суд, за кој судот не го прифати обвинителниот акт поднесен од СЈО.

Ако на ова се надодаде фактот дека до првата пресуда од 8 март 2019 година поминале уште десет месеци, тогаш собрано сѐ заедно, од почетокот на истрагата до изрекувањето на првата пресуда поминале 38 месеци или 3 години и скоро два месеци.   

Укинати пресуди, незапазени рокови, преписки меѓу судовите

По три години правна битка во која беа употребени речи си сите тактики на одбраната, дополнително време во овој случај е изгубено и на укинати пресуди, незапазени рокови од судовите како и нивната преписка за тоа кој е крив за одолговлекувањето на предметот а со тоа и застарувањето на кривичниот прогон на Мијалков.

Од изрекувањето на првичната пресуда на 8 март 2019 година до одлуката на Апелацискиот суд Скопје (декември 2019 година) да ја укине пресудата и да го врати случајот  на повторно судење поминале  десет месеци. Ако на ова се надодадат и уште 49 месеци односно 4 години до изрекување на втората пресуда од Основниот кривичен суд Скопје тогаш математиката покажува дека од тогаш до сега поминале дополнителни 59 месеци или 4 години и девет месеци.

Соочени со фактот дека враќање назад нема судовите преку соопштенија или изјави почнаа да си ја префрлаат вината еден на друг.

Прво Апелацискиот суд Скопје му го врати предметот на Кривичниот суд Скопје поради незапазени рокови за жалба на обвинетите.

По изречената втора пресуда на 23 јануари 2023 година беа потребни месец и половина за да стигне до Апелацискиот суд Скопје кој повторно му го врати предметот на скопскиот Киривчен суд затоа што, како што објаснија од повисокиот суд, основниот суд предвреме го пратил предметот и не го почекал рокот од 15 дена во кој обвинетите имаат право да поднесат жалба.

„Последната достава на првостепената пресуда е со прием од обвинет на  2 март 2023 година, што значи рокот за поднесување жалба отпочнал да тече на 3 март истекува на 17 март 2023 година. Првостепениот суд не го сочекал рокот од 15 дена за евентуално изјавена жалба и пред истекот на тој рок го доставил предметот со списите на постапување и одлучување“, информираа од Апелацискиот суд Скопје.

По ова реагираа и од Кривичниот суд Скопје кој информираше дека по комплетирање на случајот предметот е доставен на понатамошно второстепено постапување.

„По наведениот предмет Апелациониот суд Скопје веќе еднаш има постапувано, па согласно одредбите од Законот за кривична постапка (ЗКП) сега треба да донесе мериторна одлука по добиените жалби“, информираа од Кривичниот суд Скопје.

По ова Апелацискиот суд Скопје на 28 март годинава извести дека за 30 март е закажана јавна седница за случајот „Титаник 2“ на 7 дена од застарувањето на делото на Мијалков.

Но ниту забрзаната процедура не беше доволна за конечна одлука затоа што јавната седница беше одложена за 13 април со образложение дека освен обвинетите Сашо Мијалков и Бедредин Ибраими кои беа присутни во судот, останатите четворица не биле уредно поканети.

На повтореното судење во случајот „Титаник 2“ екс шефот на УБК Сашо Мијалков, лидерот на ДПА Мендух Тачи како и поранешните членови на ДИК Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев беа осудени на по две години затвор.

Конкретно, Мијалков беше осуден за примање награда за противзаконито влијание во местење на локалните избори за градоначалник на Струмица во 2013 година. Според пресудата, тој ја искористил својата позиција и во договор со лидерот на ДПА, Мендух Тачи влијаеле кај Бедредин Ибраими тогаш член  на Државната изборна комисија (ДИК) да гласа за поништување на избирачко место во Струмица а на сметка на тоа членовите на ДИК од редот на ВМРО-ДПМНЕ да гласат за поништување на избирачки место во општина Чаир. Ова било направено за да се фаворизира Васил Пишев кандиат за градоначалник на Струмица од ВМРО-ДПМНЕ на сметка на Зоран Заев кандидат за градоначалник од редовите на СДСМ.

Освен за овој случај, Апелацискиот суд Скопје пред две недели ја потврди ослободителната пресуда за Мијалков во случајот „Тортура“, откако претходно ослободителна пресуда донесе Кривичниот суд.

Искра Опетческа

 

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ