среда, 23 октомври 2024
Големи промени во таборот на „црвено-црните“

Михајловски заминува од РК Вардар, Борко е нов извршен директор, Стоилов помошник тренер!

Објавено на

часот

Сподели

Двократниот европски шампион РК Вардар со големи промени влегува во новата сезона, првиот човек Михајло Михајловски се повлече, а Борко Ристовски е промовиран во нов извршен директор. Уште една легенда на „црвено-црните“ ќе биде дел од структурата на клубот, Стојанче Стоилов ќе биде помошник тренер и координатор на младинските школи.

„Минатата година реков дека сакам да се повлечам, но нема да го оставам Вардар без да најдам соодветни спонзори. Најдов луѓе околу мене и убеден сум дека го оставам клубот во вистински раце, убден сум дека Вардар ќе застане на прави нозе“ – вели Михајло Михајловски.

„Нема да имам извршна функција, само советодавна. Борко Ристовки ќе биде извршен директор на клубот, господинот Емил Угриновски ќе биде претседател на неизвршните директори, меѓу нив ќе биде и претставник на Адмирал, се преговара со уште неколку луѓе кои сакаат да му помогнат на Вардар во овие тешки времиња“.

„Стојанче Стоилов, кој е икона на Вардар, се откажува од активното играње и ќе му биде помошник на Владо Недановски. Исто така ќе работи како координатор на младинските категории“.

Борко Ристовски пак рече дека му е чест за укажаната доверба и порача дека Вардар повторно ќе биде успешен.

„Сакам да се заблагодарам за укажаната доверба, не е мала работа да се биде на оваа функција. Вардар е еден од најдобрите клубови во Европа и апсолутно најдобриот македонски клуб, затоа ми е чест што сум дел од тимот кој ќе го води Вардар. Ова е еден поинаков чекор за мене, со големи одговорности, но подготвен сум да го пренесам сето она што го знам. Верувам дека повторно ќе бидеме успешни. Наша цел за оваа сезона е да го стабилизираме клубот, како на финансиски, така и на играчки кадар. Во моментов не можеме да кажеме колкав ќе биде буџетот, преговараме и разговараме со потенцијални спонзори и институции. Сигурен сум дека помалку или повеќе разговорите ќе бидат позитивни, но додека не се потврдат и потпишат некои договори, не е коректно да зборуваме. Важно е тоа дека имаме некоја здрава основа, но сакаме да направиме нешто каде што нема да зависи сè од еден спонзор, како што досега целиот товар беше на Михајло, туку да направиме една дисперзија на финансиите. Да не настане некоја дупка, кога еден би се откажал“ – вели долгогодишниот голман на македонската репрезентација и на Вардар.

Стојанче Стоилов исто така очекува подобри времиња за Вардар, целта е клубот повторно да биде шампион на Македонија и да игра во Лигата на шампиони.

„Знам дека сите што се со мене на масава тука се затоа што го сакаат Вардар, и сакам да работам со такви луѓе, што му мислат добро на Вардар. Сум видел многу убаво во Вардар, но во последниве години не беше добро, како што кажа и Михајло без ветена помош од многу субјекти, па дури и со опструкции. Мислам дека сега ќе имаме малку повеќе време да ги видиме работите од еден поинаков агол со нови улоги со Борко. Сакаме да го вратиме Вардар каде што му е местото, да биде шампион на Македонија и да игра во Лигата на шампиони. Не велам дека тоа ќе се случи веднаш, ќе одиме чекор по чекор, со многу работа ќе се обидеме да го вратиме клубот онаму каде што треба“ – вели Стоилов.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ