Според премиерот пак, постапката за уставни измени треба да започне.
„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ често ги менува своите ставови. Прво кажуваше дека го поддржува договорот со бугарскиот премиер во тоа време, потоа дека не го поддржува, потоа со премиерот Петков кажа дека поддржува уставни измени, па потоа рече дека не поддржува, потоа рече дека ако некој негов пратеник гласа за уставни измени ќе даде оставка, па им земаше нотарски изјави на пратениците дека нема да гласаат, за потоа да каже поддржуваме уставни измени, но по хрватски модел, па по три дена повторно рече дека не поддржуваат уставни измени“, вака премиерот Ковачевски даде одговор како реакција на изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ..
Тој нагласи дека веќе се објавени членовите на Комисијата за подготовка на амандманите од редот на партиите и институциите.
„Процесот ќе почне и ќе се одвива во Собранието“, рече премиерот, одговорајќи на новинарски прашања по денешната посета на компанијата „Левидиагро Дооел“ во Кочани.
Ковачевски во изјавата нагласи дека, како што рече, ВМРО-ДПМНЕ нема носено државнички одлуки.
„Членството во НАТО тие не го поддржа, меѓутоа ние станавме членка на НАТО. Договорот со Грција не го поддржаа, ние ги продолживме преговорите со ЕУ. Не го поддржаа ниту отпочнувањето на преговорите со ЕУ, со заштитен македонски јазик, со заштитен македонски идентитет и не гласаа за европскиот предлог. Не го поддржаа ниту договорот со Фронтекс, каде што за прв пат во историјата македонскиот јазик е на исто ниво со сите други јазици на ЕУ“., рече Ковачевски.
Инаку, премиерот денеска ја посети фабриката за преработка на ориз „Левидиагро“ во Кочани, што како турска инвестиција веќе осум години успешно работи на домашниот и странските пазари. Тука се произведуваат околу 2.500 тони бел ориз, а 80 отсто се пласира на пазарите во Албанија, Косово, Швајцарија, Финска, Србија, Турција, САД и Канада.