сабота, 27 јули 2024

Мицкоски доби тужба за клевета, медиумот што го наклеветил јавно ја објави пресудата и му се извини

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на својот фејсбук профил утрово ја објави пресудата во негова корист според која, порталот „Бриф“ го наклеветил, изнел лаги и невистини за него дека купил и реновирал куќа во скопската населба Козле вредна еден милион евра.

Објавено на

часот

Сподели

Цитирајќи го нобеловецот Мартин Лутер Кинг дека лагата е како топка снег, колку подолго се тркала, толку поголема станува, но кога ќе застане ќе се растопи, Мицкоски вели дека „снегот се растопи во рацете на тие кои ги раскажуваат лагите.

„Дополнително медиумот на Џабир Дерала и тој самиот е осуден за клевета за лагата првично пласирана од кујните на СДСМ и ДУИ дека наводно сум изградил куќа во Козле. Ниту сум изградил, ниту имам куќа надвор од имотот кој веќе го поседувам. Народот треба да биде свесен дека ваквите лаги се силно потхранувани и ширени и од инсталациите на власта, во дел од една лажна опозиција која е на услуга на власта, и тоа лесно се препознава. Тие повеќе зборуваат за ВМРО-ДПМНЕ отколку за суштината и лошото владеење. Затоа со години сум предмет на најцрната кампања на власта, која треба да ја засени вистината која ја зборуваме за тешкиот живот. Но количеството на криминал, неправди и тежок живот е толку голем, што ниту една лага не е погласна од тоа. Така и мојот мотив да ги поразиме е дотолку поголем, затоа што Македонија се губи, а ние немаме втора татковина. Промените доаѓаат!“, напиша Мицкоски на својот фејсбук профил.

Според пресудата, се утврдува граѓанска одговорност за сторена клевета кон тужителот Христијан Мицкоски од страна на тужениот портал за објавување вест дека „Мицкоски купил и реновирал куќа во Козле вредна еден милион евра“, со што порталот изнел невистинити факти за тужителот, со што ја повредиле честа и угледот на Мицкоски.

„Се задолжува тужениот да ја објави изреката на пресудата во еден дневен весник на трошок на тужениот на простор не помал од осмина од страницата од првата до петтата страна од печатеното средство за јавно информирање, како и да ја објави изреката на пресудата на официјалната веб страница на издавачот во истиот формат и големина како и објавената вест која содржи клеветнички изјави за тужителот, во рок од 15 дена од приемот на одлуката, а под страв на присилно извршување“, пишува во дел од пресудата.

Иако првично побарал, Мицкоски го повлекол барањето, порталот „Бриф“ да му плати 1000 евра зголемени за каматата на име на нематеријална штета поради сторена клевета. Наместо тоа осудениот портал на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ќе му ги плати само судските трошоци.

„Се задолжува тужениот да му плати на тужителот на име трошоци во постапката паричен износ од 16.699 денари во рок од 15 дена од приемот на пресудата, а под страв на присилно извршување“, пишува во пресудата.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ