сабота, 27 јули 2024
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ со порака до премиерот

Мицкоски до „човекот“ Ковачевски: Стави ги на гласање уставните измени, ако не поминат поднеси оставка

Објавено на

часот

Сподели

„Ја користам оваа прилика и го повикувам човекот кој што е поставен таму, Димитар Ковачевски, и вистинскиот кој што ја води Владата, Артан Груби заедно со Али Ахмети, да ги достават овие барања во парламентот, односно да ја достават потребата за отворање на Уставот за да можат пратениците да се изјаснат. Слушавме и во септември, па во октомври, потоа во февруари – март, а еве поминува и мај, дека имаат две третини во парламентот. Па тогаш еднаш нека се охрабрат и нека го потнесат тоа барање и Али Ахмети и Димитар Ковачевски. Нека се гласа, да видиме како ќе се изгласа“, рече Мицкоски, одоговорајќи на новинарски прашања при денешната посета на општина Кисела Вода.

Доколку се покаже дека нема мнозинство за тоа во законодавниот дом, Мицкоски смета дека Ковачевски треба да поднесе оставка.

Коментирајќи ја екепертската работна група за уставни измени, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека таа нема мандат и оти тоа е непотребно трошење на парите на граѓаните 

„Тие експерти добиваат пари од буџетот за работа за која што во моментов немаат мандат. Тие можат да добијат мандат само во случај доколку парламентот изгласа потреба за отворање на Уставот. Доколку Парламентот во првата фаза не изгласа, а што ќе  се случи, потреба за отворање на Уставот тогаш нивната работа е беспредметна. И хонорарите кои што ги добиваат од вас граѓаните ќе бидат практично злоупотреба на финансиските средства на граѓаните бидејќи тие немаат сега мандат да зборуваат за уставни измени“, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска искажа пофални зборови за работата на градоначалникот на Кисела Вода.

„Сето она кое со години, би рекол и децении било запоставувано сега гледаме оди напред, се асфалтира, се работи, улици се асфалтираат, пазари се отвораат, се започнува со градба, спортски игралишта, детски игралишта. Навистина имајќи ја предвид целокупната ситуација во државата и односот на владата на ДУИ поддржана од помалиот партнер СДСМ кон општините каде имаме градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, имајќи го предвид нивниот насилнички однос, сепак храбриот и чесниот пристап на градоначалниците, мотивираноста, само дава одговор на сето она кое го прави централната власт кон нив, односно на тој начин ги демантира сите неуспешни обиди да ги кочи во нивниот развој, да ги кочи проектите, да не реализираат проектите во општините каде имаме градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата“, рече Мицкоски.

„Денеска правиме увид на градежни активности овде во Припор каде што практично 30-тина години наназад немаше никакво придвижување, ниту пак градежни активности. На игралиштето на кое што стоиме сите, на кое што се врши реконструкција 30 години не е народски кажано шајка закована, а сега го модернизираме целосно односно вршиме целосна реконструкција на истото. Исто реконструкција правиме и на улицата која што е непосредно до игралиштето, а останатиот простор околу црква горе го оплеменуваме со ново детско катче. Така да ќе нуди ова место овде простор за рекреација за сите категории на наши сограѓани овде од Припор“, изјави градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ