сабота, 27 јули 2024

Мицотакис прашањето за Преспанскиот договор ќе го покрене и на НАТО самитот

Очекувам од мандатарот за премиер на Северна Македонија јавно, на јасен и категоричен начин да изјави дека го почитува Договорот од Преспа, дека името на неговата земја е Северна Македонија, ерга омнес и во внатрешната и во надворешната употреба, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој посочи дека конкретното прашање ќе го покрене и на претстојниот НАТО самит, но и оцени дека сепак во Скопје ќе преовлада логиката, јави дописничката на МИА од Атина.

 

Објавено на

часот

Сподели

На денешната прес-конференција што се одржува на островот Крит, во пресрет на европските избори на 9 јуни, Мицотакис одговори на низа прашања од новинарите, меѓу кои и за односите со нашата земја и почитувањето на Договорот од Преспа.

Грчкиот премиер рече дека во моментов констатираат дека „намерата на ВМРО е во пракса да го оспори едното и единствено име за сите“ и истакна дека „Грција нема да го прифати ова“.

Во однос на тоа дали конкретното прашање ќе го покрене на НАТО самитот во Вашингтон во првата половина на јули, Мицотакис одговори позитивно и посочи дека „ќе биде прва можност да се најде на ист форум со новиот премиер на Северна Македонија“.

„Секако дека ќе го покренам прашањето на самитот на НАТО за 75-годишнината од формирањето на Алијансата. И навистина би го охрабрил раководството на Скопје да не го стави во опасност европскиот тек, кој нашата земја го има поддржано, кој мислам дека и самите граѓани го посакуваат. Да сфатат дека изборите поминаа, дека популизмот во надворешната политика можеби е привлечен за привлекување гласови, но не го издржува водењето на сериозна надворешна политика кога некој официјално ги презема должностите. Верувам дека на крајот ќе преовладее логиката и ќе постои препознавање на она што се подразбира во Договорот, кој за нас има негативни работи, но една од важните димензии е токму едното и единствено сложено име за сите и ова не може во пракса да се оспори од никој, истакна Мицотакис на прес-конференцијата, пренесе МИА.

Тој уште еднаш повтори дека тие ќе бараат апсолутно усогласување за ова прашање, за кое рече дека се на иста линија и со ЕУ и САД.

„Да потенцирам дека не сме сами. Европската комисија го кажува токму истото, САД го кажуваат истото. Па така Грција не е изолирана, Скопје е изолирано, следејќи ја оваа политика и затоа мислам дека на крај ќе преовладее логиката, а Северна Македонија ќе се врати на тешкиот пат на усогласување со европските критериуми и доколку го стори ова, Грција ќе биде прва што ќе го поддржи овој напор“, посочи Мицотакис.

И грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис во интервјуто за грчкиот весник „Етникос Кирикс“ што се издава во САД вели дека основен принцип на меѓународното право е почитувањето на договорите. „Грција доследно го поддржува меѓународното право и го почитува Договорот како ратификуван меѓународен договор. Истото го бараме и од Северна Македонија“, истакна министерот за надворешни работи на Грција.

Тој рече дека „неодамнешните изјави на претседателката и на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го поткопуваат Договорот од Преспа, кој без исклучок ги обврзува сите раководства на Северна Македонија“.

„Ја истакнавме обврската на Северна Македонија целосно да се усогласи со Договорот од Преспа и уставното име на земјата и на сите меѓународни форуми ја претставивме потребата од негово доследно и добронамерно спроведување“, рече шефот на грчката дипломатија.

Дополнително, ја потсети позицијата на актуелната грчка Влада, како опозиција, кога, како што рече „навреме укажа на правните и техничките проблеми во Договорот од Преспа“.

„Но, сепак, појаснивме дека штом овој Договор би се ратификувал од грчкиот Парламент, ќе ја обврзе земјата. Основен принцип на меѓународното право е почитувањето на договорите. Грција доследно го поддржува меѓународното право и го почитува Договорот како ратификуван меѓународен договор. Истото го бараме и од Северна Македонија“, истакна Герапетритис.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ