сабота, 27 јули 2024
Реакција по вчерашната заклетва на претседателката на Македонија

Мицотакис до Сиљановска: Врати им се на законските должности

Нелегална, недозволива и провокативна, ја окарактеризира грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис одлуката на Гордана Сиљановска Давкова да го користи името Македонија за време на нејзината инаугурација и паралелно ја повика новата претседателка „да им се врати на законските должности и на однесувањата што произлегуваат од нејзината улога“, но и порача дека „секој чекор на Скопје кон Европа“, меѓу другото, зависи и од употребата на уставното име, јави дописничката на МИА од Атина.

Објавено на

часот

Сподели

Во опширниот пост на Фејсбук објавен рано утрово, Мицотакис потсетува на позициите на Нова демократија додека беше опозиција, истакнува дека Грција не прифаќа вакви пропусти и посочи дека името, избегнувањето провокации и почитувањето на Договорот од Преспа се клучни и за напредокот на билатералните односи и за ЕУ-перспективата на земјата.

„Провокативниот избор на новата претседателка на Северна Македонија да го прекрши официјалниот текст на заклетвата и да ја нарече земјата со различно име претставува нелегална и недозволива иницијатива. Чин што го прекршува Договорот од Преспа и самиот устав на нејзината држава. Но и поткопување на иднината на државата, како што веќе изјавија претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел“, напиша грчкиот премиер.

Додаде дека и Нова демократија како опозиција гласаше против Договорот од Преспа и предупреди за проблемите што се создаваат, но посочи дека сега, како Влада, го почитуваат „грчкиот потпис на меѓународен договор, обврзувачки за земјата“.

„Грција ги отфрла начините на управување како овие со кои госпоѓа Силјановска го започнува својот мандат. Ја повикува да се врати на нејзините законски должности и на однесувањата што произлегуваат од нејзината улога. Категорично изјавуваме дека нема да прифатиме вакви неприфатливи грешки. И повторуваме дека секој напредок во билатералните односи, како и секој чекор на Скопје кон Европа, зависат од искреното почитување на договореното. Од правилната употреба на уставното име на соседната држава. И, секако, од избегнувањето провокации“, напиша Мицотакис на Фејсбук. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ