четврток, 18 април 2024

Мицотакис го „преживеа“ изгласувањето недоверба на владата

Грчката влада предводена од премиерот Кирјакос Мицотакис го преживеа изгласувањето недоверба во парламентот предложено од четири опозициски партии, откако во медиумите се појавија извештаи дека владата манипулирала со информациите за најтешката железничка несреќа во историјата на Грција во февруари минатата година, во која загинаа 57 лица, претежно студенти.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Ве повикувам да гласате за влада која, и покрај големите тешкотии, стабилно ја води земјата напред“, рече Мицотакис во парламентот во четвртокот пред гласањето.

За доверба на владата гласале 159 пратеници, а против 141, пренесува Ројтерс.

Десничарската партија на Мицотакис, Нова демократија, има мнозинство од 158 пратеници во парламентот со 300 места.

Опозициските партии ја обвинија владата дека манипулирала со докази кои би можеле да ги расветлат причините за железничката несреќа во Лариса, во обид да ја намали политичката одговорност.

Од Владата велат дека судиите кои ја водат истрагата за несреќата ги имаат целосните необработени разговори во истрагата, што значи дека нема манипулации.

Истрагата на грчки судија за несреќата е во тек и се очекува да биде завршена во наредните месеци.

Досега се обвинети десетици лица, меѓу кои и шефот на станицата во Лариса, кој е во притвор.

Грчкиот весник То Вима во неделата објави дека снимката од разговорот пред несреќата меѓу шефот на станицата во Лариса и машиновозачот на еден од возовите протекла веднаш по судирот и била „монтирана“ за да изгледа дека до судирот дошло поради човечка грешка, а не поради системски проблеми во железничката мрежа.

Двајца министри, двајцата блиски соработници на Мицотакис, поднесоа оставки во четвртокот по објавата во весникот То Вима.

Администрацијата на Мицотакис вели дека сличен извештај за наводно протекување и манипулација со разговорот бил објавен на 3 март 2023 година.

Патнички воз што сообраќал од Атина за Солун во февруари минатата година се судри со товарен воз во близина на Лариса во централна Грција, предизвикувајќи пожар.

Во несреќата загинаа 57 лица, главно студенти, а 80 лица беа повредени.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ