На Свечената академија во организација на Владата, Мицкоски рече дека овој ден нѐ потсетува на нашето долго патување до слободата.
„Денеска сме исправени пред нова борба, еднакво значајна како создавањето на татковината. Тогаш владееше ентузијазам и голема енергија и одобрување на референдумот. Триесет и три години подоцна, многу работи се изменети, а сите ние повеќе искусни. Многу порази, многу неупсеси, потфрлања во системот. Битката не смее престане затоа што патриотизмот постои и денеска“, посочи премиерот.
„Запрашани дали после децениските разочарувања, битката треба да престане. Одговорот е никако. И тоа не е опција. Затоа што патриотизмот постои и денес, и денес со оваа генерација битката мора да се извојува. Патриотизмот е ист, но целите и работите кои мора да ги победиме се различни“, истакна Мицкоски.
Тој потенцира дека како нација имаме две големи цели – да го победиме разочарувањето на секој еден човек напластено од сите неуспеси, а втората, да го сузбиеме криминалот и корупцијата која метастазира во сите делови од општеството.
„Ќе се борам со секој атом да докажам дека сме поразлични од сѐ досега и дека го менуваме работите“, нагласи премиерот.
Тој предложи платформа од 10 точки, околу која побара да се обединат сите општествени фактори – универзитетите, синдикатите, коморите, земјоделците, МАНУ, професорите, лекарите, како и сите, како што рече, сите општествени двигатели. Првиот принцип, нагласи, е воспоставување суштинска правда и правна држава, преку лични примери и колективни откажувања од сите оние што решиле да се посрамотат себе си и своите семејства и да отидат од другата страна на законот.
Меѓу другото, Мицкоски се заложи за департизација со цел, како што рече, способните да напредуваат и за оградување од меѓуетнички конфликти, понатаму, во рамки на платформата, ја нагласи важноста од јакнење на стандардот на граѓаните. Да не се отстапи од ЕУ-патеката, да се гради единство во државата, сопирање на иселувањето од земјата и, конечно, десетиот принцип, како што нагласи, е јакнење на патриотизмот кон државата кај сите етнички заедници.
Како што соопштија претходно од владината прес-служба, настанот е дел од пошироката иницијатива на Владата за подигање на свеста за значењето на независноста и заедничката борба на граѓаните за подобра иднина.