„Фокус на разговорите е евроинтеграцијата на нашата држава, хрватската поддршка, како и предизвиците на патот кон интеграција на земјите од Западен Балкан. На средбата потпишавме неколку договори за соработка помеѓу двете Влади, меѓу кои во сферата на образованието и здравството“, соошти премиерот Мицкоски.
Соработката во областа на образованието е за временски период до 2028 година и ја потпишаа министерката за образование и наука Весна Јаневска и хрватскиот министер за наука, образование и млади Радован Фукс, додека планот за соработка во областа на здравството го опфаќа периодот до 2026 година и потпис на овој документ ставија министерот за здравство Арбен Таравари и неговиот хрватски колега Вили Берош.
Дел од владината делегација е и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој вчера присуствуваше на посебна сесија на Годишната конференција на амбасадори, генерални конзули и воени претставници на Хрватска во странство.
Според најавата, Мицкоски освен со хрватскиот премиер, ќе оствари средба и со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и со потпретседателот на хрватскиот Сабор, Жељко Реинер.
Во рамки на посетата на Хрватска предвидено е премиерот Мицкоски да ја посети црквата „Св. Злата Мегленска“ каде ќе се сретне со претставници на македонската дијаспора.