сабота, 21 декември 2024

Мицкоски: Во преговорите со Бугарија не сме само за да учествуваме, треба да успееме

Во преговорите со Бугарија не се влегува само за да се учествува, туку треба да се избориме за успех. За мене Гоце Делчев е титан на македонската борба, изјави претседателот на Владата, Христијан Мицкоски за ТВ Канал 5.

Објавено на

часот

Сподели

„Не сум во оваа приказна само за да учествуваме, туку да завршиме со успех. Тоа е суштината на целиот овој процес. Не е суштината да го смениме Уставот до следната пречка за шест месеци. Не е тоа со мандат ‘од – до’, туку процес кој трае, не е процес кој сега ќе почне и следната недела ќе заврши“, рече премиерот Мицкоски.

Премиерот Мицкоски посочи дека ако се сака, има и начин за да нема билатерализација на целиот процес и да нема повеќе никакви пречки.

„Нека биде Европска Унија арбитер, претседавачот со ЕУ нè кани во Будимпешта да ги решиме однапред сите прашања, да не биде етапно, туку сите, и да нема повеќе пречки и да нема билатеризација на овој процес. Веднаш да почнеме. Унгарскиот премиер Виктор Орбан планираше да ме повика мене и бугарскиот претседател во Будимпешта на разговори како претседавач со ЕУ“, рече Мицкоски.

„Гоце Делчев за мене е македонски деец и историска фигура, титан на македонштината. За нив можеби е друго. Нека кажат колку песни, имиња, приказни има Гоце, а да видиме колку има кај нас. Да видиме кој навистина бил Гоце Делчев. Мудроста на народот е неприкосновена“, изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека мора да бидеме добри соседи, но барањата треба да се објективни, а не билатерални, и ако континуирано едни со други се напаѓаме со аргументи од среден век, тогаш нема да излеземе од ова мочуриште.

„Мораме сега да ги решиме. Ако имаме објективни пречки, тоа може да не направи подобри. Но, субјективните проблеми, билатерализацијата е проблем“, дециден е премиерот Мицкоски.

Тој вечерва рече дека при последната посета на Брисел, при средбите во Брисел  соговорниците му рекле дека го поддржувале францускиот предлог бидејќи добиле ветување од поранешниот премиер на Македонија дека истиот ќе се исполни.

„Пендаровски и Ковачевски прифатија нешто кое не го испорачаа. Со што нè засрамија. И ги засрамија во ЕУ. Знаете што ми велат мене таму? Мене сите соговорници ми велат ние го поддржувавме тоа, затоа што вашите нè убедуваа дека ќе испорачаат, по принципот на Преспа за уши ќе влечеле пратеници и ќе обезбеделе 80. Еве не успеаа. Сега што правиме“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Тој додаде дека на „памет не му паѓа да дава гаранција за нешто за што не бил сигурен дека ќе го испорача“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ