сабота, 27 јули 2024

Мицкоски вели дека имаат 61 пратеник, Џафери обвинува за изборен инженеринг, Управниот суд заседава

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера изјави дека коалицијата Твоја Македонија обезбеди 61 пратеник, не откривајќи од која партија или коалиција им се приклучиле новите пратеници. Истиот ден техничкиот премиер Талат Џафери обвини дека имало договор за надгласување во Државната изборна комисија за прифаќање на одредени приговори, а неговата партија поднесе седум жалби до Управниот суд,

Објавено на

часот

Сподели

Сега сѐ е во рацете на Управниот суд, каде треба да се одлучува по жалбите на решенијата на Државната изборна комисија за прегласување на неколку избирачки места во изборните единици 5 и 6.

Мицкоски вчера додаде дека ги чекаат и одлуките на Управниот суд и дека разговорите со идните потенцијални коалициски партнери како што е коалицијата Вреди одат во добра насока. Нервозата во ДУИ затоа што не се вклучени во плановите  за состав на нова влада можеби најдобро ја отсликува вчерашната изјава на Бујар Османи за тековните преговори меѓу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Вреди дека „влада со нелегитимни Албанци е исто како влада без Албанци“.

Работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Вреди вчера ја одржаа првата средба за разговори за коалицирање во новата влада, на која, како што информираа преку соопштение, било заклучено дека е потребно да се задржат програмските определби што добиле поддршка од граѓаните и да се запазат договорените принципи на делување, силно динамизирање на ЕУ интеграции, бескрупулозна борба против корупцијата и криминалот и економски реформи за повисок животен стандард.

Според првичните официјални резултати за парламентарите избори што ги објави ДИК, коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои најмногу пратенички мандати, 58, по што следуваат коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ со 19 пратенички мандати, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ, 18, коалицијата Вреди 13, а движење ЗНАМ за наша Македонија и Левица по шест пратенички мандати.

Во меѓувреме течат роковите за тужби до Управниот суд за изборните резултати по парламентарните избори по прифаќањето на приговорите од страна на ДИК што го отвори патот за прегласување на шест избирачки места во петатта и на едно избирачко место во шестата изборна единица.

Управниот суд иформира дека по поднесени седум тужби од коалицијата Европски фронт на парламентарните избори 2024 година против решенија на ДИК оформени се предмети и дека ги преземаат сите процесни дејствија согласно Изборниот Законик.

„Со оглед на роковите за постапување и одлучување, Управниот суд итно ги презема сите процесни дејствија согласно Изборниот Законик“, се вели во соопштението од претседателот на Управен суд Бурим Сејдини.

До ДИК беа поднесени вкупно 27 приговори за парламентарните избори – девет од коалицијата „Влен“, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица. Прифатени беа седум и тоа шест во петтата изборна единица и еден во шестата изборна единица. Во изборната единица 5 прифатени беа приговорите за избирачките места 1272 во Охрид, 1194 и 1202 во Крушево, 1844 во Струга, 1470 и 1470/1 во Долнени. Во Изборната единица 6 прифатен е еден приговор за избирачкото место 2101 во Желино.

Против одлуката на ДИК може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ