петок, 14 март 2025

Мицкоски: Вајц може да земе предвид во извештајот за ЕП дека Македонија не е веќе хибриден режим, за „танго“ на пругата со Бугарија се „потребни двајца“

Премиерот Христијан Мицкоски денеска не ја коментираше вчерашната пишана изјава за медиуми на известувачот на Европскиот парламент за Македонија, Томас Вајц, во која европратеникот оцени дека повикот од Владата да поднесат оставки членови на Судскиот совет е „притисок и загрижувачки знак за политичко мешање во судството“.

Објавено на

часот

Сподели

На новинарско прашање дали смета дека ваквата порака од Вајц ќе влијае врз заклучоците во следниот извештај на Европската комисија за напредокот земјава, премиерот одговори: „дали ќе влијае е одлука на известувачот и на Комисијата“ и оти известувачот и ЕУ треба да го забележат и да го стават во својот извештај и напредокот за десет места на индексот за демократија на „Економист“ за 2024 година  и тоа што „повеќе не сме хибриден режим“.

„Со известувачот имавме многу плоден и корисен состанок кога беше тука. Дали ќе влијае, тоа е одлука на известувачот и на Комисијата. Но, мене ме радува фактот што после многу години не сме повеќе хибриден режим според ‘Економист’. На 27 февруари излезе податокот. Чекав да видам да се пренесе, но очигледно се пренесуваат овие вести, а добрите вести не се пренесуваат“, изјави Мицкоски по работната посета на Општина Ѓорче Петров.

Како што рече, Македонија напредува десет места на скалата „и сега веќе не сме хибриден режим“.

„Сега сме малку погоре, за разлика од другите земји од соседството коишто бележат опаѓање. Ајде да се радуваме на овој успех и да им кажеме на граѓаните дека не сме повеќе хибриден режим според ‘Економист’, туку дека сме ја унапредиле демократијата. Мислам дека тоа треба и самата Европска Унија и известувачот да го забележат и да го стават во својот извештај“, истакна премиерот.

Веста за напредокот тој претходно денеска ја соопшти на Фејсбук со порака дека „бележиме скок од 10 места на Индексот за демократија за 2024 година на листата на „Економист“, наоѓајќи се на 62 место на листата. Зад Македонија, напиша Мицкоски, се најдоа Србија, Албанија и БиХ.

За развојот на односите со Бугарија, односно одлуката на тамошната влада да се прекине со железничкото поврзување со Македонија, премиерот денеска на истиот настан во Ѓорче Петров, рече дека „за танго се потребни двајца“ . Мицкоски посочи дека треба да се почека, бидејќи се уште не се знае дали ќе има договор или нема да има.

 

„Наша задача е да работиме. Сега дали ќе има договор – за танго се потребни двајца. Треба да видиме и од другата страна како функционираат“, рече премиерот.

За однесувањето на бугарската страна во врска со коридорот 8, Мицкоски кажа дека ВМРО-ДПМНЕ одамна го комуницирало тоа со јавноста и дека сега дури и заклучоците на новинарите и медиумите се дека попусто ќе се трошат парите.

„Дури и вашите заклучоци се во тој стил дека џабе е да ги трошиме парите, ама ние кога го зборевме тоа, рекациите беа „ама види ги овие вмровциве што прават“. Е сега што правиме?“, праша Мицкоски.

На прашањето што ќе правиме со парите наменети за железницата, тој рече дека треба да се почека и оти не треба да се брза.

„Знаеме точно што правиме. Нема да направиме ниту милиметар спротивен од интересот на граѓаните и државата, тоа да бидете сигурни“, уверува Мицкоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ