понеделник, 21 октомври 2024

Мицкоски: Сите што од голтари станаа милионери сакаат дестабилизација на Македонија

Тие кои имаат интерес да ја дестабилизираат државата се највешти и најсилни кога има нестабилност. Демократијата подразбира стабилни институции и ќе сториме сѐ да ги заштитиме, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски, прашан дали сѐ уште стои на ставот што го изнесе претходно дека има луѓе, кои работат на дестабилизација на државата.

Објавено на

часот

Сподели

„Информациите за дестабилизацијата се такви какви што се. Сите што од голтари станаа милионери и владееја со Македонија изминатите седум години, сите оние кои што дивееја по улиците имаат интерес да ја дестабилизираат затоа што тие се највешти и најсилни кога има нестабилност. Но, ние како држава и како Влада ќе се бориме за стабилна држава и стабилни институции, затоа што демократијата подразбира стабилни институции и ние ќе сториме сѐ да ги заштитиме“, рече Мицкоски по посетата на Јавното претпријатие (ЈП) за државни патишта.

Премиерот дополни дека законот мора да важи секаде и за секого. Тука, потенцираше, работи заедно со „нашите партнери“ на кои им изрази благодарност.

„Секој  кој работи во насока на силни и стабилни институции  за мене е родољуб човек кој си ја сака државата, човек кој го охрабрувам и секогаш ќе го поддржувам“, рече Мицкоски.

Тој претходно изјави дека има индиции за луѓе, кои располагаат со милионски суми, а дел од нив биле високи функционери во поранешни влади, кои се обидуваат да мобилизираат луѓе на терен со цел да се дестабилизира меѓуетничката хармонија во земјава.

„Имаме индиции за елементи, кои што располагаат со огромни милионски суми на пари, дел од нив се високи функционери во поранешни влади и кои што се обидуваат да мобилизираат луѓе на терен, во најголем дел да манипулираат и она што мене особено ме загрижува е тоа што се обидуваат да провоцираат етнички конфликт, односно да ја дестабилизираат меѓуетничката хармонија во Македонија. Тоа е она кое што најмногу ме вознемирува бидејќи сфаќаат дека на друг начин тие не може да мобилизираат луѓе и сега единствениот начин е да испровоцираат ваков тип на конфликт. Тоа нема да го дозволиме. Апелирам и до јавноста и до медиумите  и до граѓаните да се воздржат од какви било провокации, да ги игнорираат“, изјави Мицкоски на 15. месецов.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, пак, по изјавата на Мицкоски, во одовор на новинарско прашање, рече дека не планира да го свика националниот Совет за безбедност во врска со наводите за постоење индиции за дестабилизација на државата.

„Индиции за дестабилизација се едно, закани за дестабилизација се друго, но реалноста е поинаква. Реков дека нема да го свикам Советот зашто мислам дека во ова време невереме кога треба да се справуваме со пожарите како стихија, ние се соочуваме и со други ‘закани’. Не гледам дека тие закани се реалност во моментов“, изјави Сиљановска Давкова, најавувајќи дека може да го свика Советот за  безбедност по неговото доекипирање.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ