петок, 27 декември 2024

Мицкоски: Се потврдија нашите сомневања дека поранешни функционери се вмешани во корупција

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција потврди дека во тек е акција против организирана група од 23 осомничени за криминал во врска со работењето на електраните РЕК Битола, РЕК Осломеј и ТЕЦ Неготино. Нагласи дека станува збор за криминал од околу 6,5 милиони евра и потврди дека поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски во моментов не е ево Македонија и не ѝ е достапен на полицијата. Мицкоски денеска изјави дека ставањето на поранешниот вицепремиер Артан Груби и на судијата на Апалацискиот суд Скопје, Енвер Беџети на црната листа на САД е само потврда на она што го говореле уште во опозиција и дека ова е само почеток од многу такви случаи што очекува во наредниот период да бидат објавени во јавноста.

Објавено на

часот

Сподели

„Обезбедени се овие 23 луѓе можеби минус еден, но очекувам и тој бргу од денеска да биде обезбеден пред правдата и сите тие да дадат одговор за овие основани сомневања за коишто се обвинуваат, иако можам да кажам дека голем дел од доказите за коишто се сомневавме веќе се обезбедени“, истакна Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата на која денеска информира дека е потпишан договор за нова инвестиција во државава.

На прашањето дали поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски е во државата, Мицкоски одговори дека не е, но оти очекува да го пронајдат и да го вратат.

„Не, не е во државата подолго време, но очекувам и да го обезбедиме и да го вратиме“, истакна премиерот.

Од информациите со кои е запознаен од страна на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и директорот на Бирото за јавна безбедност, Јанев, како што истакна, станува збор за добро организирана група на високи претставници на компанијата и луѓе коишто управуваат со други фирми коишто се здружиле и за коишто постои основано сомнение дека направиле криминал од околу 6,5 милиони евра.

„Пронајдени се многу докази, но тоа ќе го оставам на обвинителството, понатаму на судовите, ние мораме да веруваме на пресумпцијата на невиност, но тоа што е најдено навистина е загрижувачки“, рече Мицкоски.

Нагласи оти е свесен дека тој како премиер и Владата изминатиот периоод од јавноста биле обвинувани дека органите на прогнот прават малку за справување со лица осомничени за криминал, но додаде дека тие барале трпение, бидејќи е потребно да се почитуваат процедурите, а потребна е и соработка на двата клучни столба – обвинителството и судството.

„Знаете, таму сѐ уште постојат структури коишто се повеќе лојални на претходната влада отколку на правдата, нешто кое што претставува наш генерален проблем, но некако како да гледам полека во последно време се повеќе се приближуваат да и бидат лојални на правдата отколку на тие на коишто претходно им слугувале и се надевам дека така ќе продолжат и во периодот којшто следи, а вас како новинари, како јавност ве повикувам будно да следите, бидејќи сето она кое што го зборувавме, а за кое што постоеше основано сомневање дека е сторен криминал без разлика дали е тоа индивидуално или организирано ќе и биде на јавноста познато и сите докази во една транспарентна постапка ќе и бидат на јавноста обезбедени. Јас многу пати реков и во минатото дека ние циркус од овие работи нема да прави. Еве, ние немаме намера естрада да правиме од сето ова, правдата е спора, но правдата секогаш победува на крај и овој пат ќе победи“, истакна Мицкоски.

Мицкоски денеска уште изјави дека ставањето на поранешниот вицепремиер Артан Груби и на судијата на Апалацискиот суд Скопје, Енвер Беџети на црната листа на САД е само потврда на она што го говореле уште во опозиција и дека ова е само почеток од многу такви случаи што очекува во наредниот период да бидат објавени во јавноста.

„Што се однесува на ажурираната листа на санкции на САД на која што се најдоа двајца граѓани од кај нас, едното лице вие го споменавте, второто е судија којшто е дел од Апелациониот суд, ги имате и таму причините зошто се тие практично дел од оваа листа на санкции. Ние во минатото многу пати зборувавме за сето ова за кое што сега и официјално нашите стратешки партнери, меѓународната заедница го посочува. Јас можам само да кажам дека во периодот којшто следи уште многу потврди на сето она кое што сме го имале за сомневање ќе излезе во јавноста и јавноста ќе биде запознаена“, рече премиерот Мицкоски на новинарско прашање за коментар за ставањето на Груби на црната листа на САД, а за кој тој изминативе години од позиција на опозиција го обвинуваше за вмешаност во коруптивни скандали.

За овој случај во којшто висок поранешен владин функционер и апелационен судија кои се основано осомничени како што се посочува, вели, за сторено сериозно кривично дело за коишто се наоѓаат на листата на санкции од страна на САД, но и за случајот со апсењето лица од поранешното раководство на ЕСМ и  РЕК „Битола“ осомничени за злоупотреба на јавни набавки, премиерот Мицкоски рече дека очекува да дадат одговор за овие основани сомневања, иако вели, „голем дел од доказите за коишто се сомневавме веќе се обезбедени“.

Стејт Департментот на САД вчера соопшти дека воведува санкции против поранешниот заменик-претседател на Владата на Северна Македонија Артан Груби и судијата на Апелацискиот суд Енвер Беџети поради нивна вмешаност во значителна корупција.

Според соопштението, Груби и Беџети примале мито со цел да ги поткопаат судските процеси поврзани со кривичната осуда на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Мијалков беше санкциониран во 2022 година за значителна корупција според Секцијата 7031(в) од Законот за надворешни операции и поврзани програми на Стејт Департментот.

Покрај санкциите за Груби и Беџети, забрани за влез во САД се воведени и за членовите на нивните семејства.

Ваквата одлука ја поздравија повеќе партии од власта и од опозицијата меѓу кои и ДУИ, партијата во која Груби е дел од раководството. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ