петок, 3 јануари 2025

Мицкоски се надева дека обвинителството ќе го повика Ахмети за да каже каде се крие Груби

Премиерот Христијан Мицкоски се надева дека јавното обвинителство ќе го повика лидерот на ДУИ Али Ахмети кој, како што пренесоа вчера косовските медиуми, изјавил дека поранешниот вицепремиер Артан Груби се наоѓа на албанска територија и дека ќе се врати во земјава само ако нема одмаздничка и селективна правда. Повик до обвинителството упатија и вицепремиерот задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи и СДСМ.

Објавено на

часот

Сподели

„Се надевам дека ова допира до обвинителството и има правна процедура во којашто ако имаме личност која знае каде се наоѓа бегалец од законот дека ќе ја повика таа личност и таа ќе даде одговор на прашањето каде се наоѓа бегалецот од правдата. За сѐ останато можам да дадам коментар дека на секого во државата му е јасно како се поставуваа обвинители и судии изминативе седум години. Истите тие без кои не можеше да помина квалификацијата преку Акадијата на судии и јавни обвинители, сега велат дека правдата некому му била оневозможена и дека ова било политички прогон. Да потсетам – именуваното лице бегалец се наоѓа на листата на санкции на САД и таму јавно велат дека ова лице заедно со едно друго се поврзуваат со големи коруптивни скандали. Претпоставувам дека нема да го обвинат и Стејт депарментот дека прави политички прогон“, изјави денеска Мицкоски.

Од Јавно обвинителство велат дека за Груби е распишана национална и меѓународна потерница и оти домашните и меѓународните органи задолжени за извршување на тие наредби имаат овластување да ги преземат сите неопходни мерки вклучително и да повикаа други лица доколку тие имаат сознанија каде се наоѓа осомничениот.

„Јавното обвинителство издаде наредби за распишување национална и меѓународна потерница за осомниченото лице. Домашните и меѓународните органи задолжени со извршување на тие наредби ги имаат сите овластувања да ги преземат сите неопходни дејствија за трагање по лицето, вклучително и да повикуваат и да вршат разговори со други лица кои би можеле да имаат некои сознанија за локацијата на која се наоѓа осомничениот“, се наведува во одговорот од ЈОРМ.

Освен обвинителството, СДСМ го повика и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковскида го повикаат Ахмети на исказ за да каже каде е Груби.

„Зошто обвинителството и Тошковски не го повикуваат Ахмети да даде изјава? Како е можно и Ахмети и Меџити да знаат каде е Груби само Тошковски да е целосно незапознаен? Ова е класичен пример на селективност, но и огромна неспособност на Тошковски и МВР да го спроведат законот. Артан Груби треба да одговара пред законите на државата но заради неспособноста на Тошковски или пак скриен политички договор тоа не се случува“, велат од СДСМ.

Вчера и вицепремиерот задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи повика  обвинителството да го повика на распит првиот човек на ДУИ, Али Ахмети. Тој изјави дека обвинителството има законска обврска да го повика Ахмети на распит.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ