Мицкоски се надева дека Борисов ќе состави влада за да се најде решение за одблокирање на македонскиот пат кон ЕУ

Премиерот Христијан Мицкоски денеска коментирајќи ги изборите во Бугарија, истакна дека се надева дека таму ќе се формира влада, со која ќе може да седнат и да најдат решение за одблокирање на патот на Македонија кон ЕУ. Очекува Влада од најмалку три партнери, а за победата на партијата ГЕРБ, предводена од Бојко Борисов, повтори дека тие се од исто семејство, односно од Европската народна партија. Мицкоски денеска имал телефонски разговор Борисов при што изразил уверување дека ќе се формира стабилна влада на десниот центар во Бугарија, која ќе даде придонес во отстранувањето на пречките што го успоруваат македонскиот пат кон Европската Унија.

часот

„Очекувам влада која што ќе има најмалку три партнери. Бројките варираат 67 или 70 пратеници има коалицијата ГЕРБ – СДС, исто така тука е коалицијата Демократска Бугарија и Промените продолжуваат која што очекувам да има помеѓу 44 и 47 пратеници, така што во суштина без тие две не може да се направи влада. Е сега ќе видиме како натаму ќе се развиваат работите. Се надевам дека ќе има влада, дека ќе нема осми избори по ред и дека ќе можеме да седнеме и да најдеме решение да го одблокираме нашиот пат, патот на Македонија кон ЕУ“, изјави Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања по надзор во работата на автопатската делница Гостивар – Букојчани.

Мицкоски истакна дека според првичните резултати девет партии ќе влезат во Парламентот и како што рече, ќе има интересен мозаик во рамки на бугарскиот законодавен дом.

Премиерот викендов изјави дека не би можел да издвои кој би бил подобар соговорник во Софија, но дека логично е дека сака да победи партијата на Борко Борисов со која се дел од Европската народна партија.

„Не би можел да издвојам кој би бил подобар соговорник, но можам да кажам дека со партијата ГЕРБ која што ја води Борко Борисов сме во исто семејство во Европската народна партија и логично е да посакам политичка партија која доаѓа од нашето семејство да победи на изборите“, рече Мицкоски.

Партија ГЕРБ на поранешниот премиер Борисов е победник на вчерашните парламентарни избори во Бугарија, седми во последните три и пол години, според првичните прелиминарни резултати од гласањето. ГЕРБ освои 25 отсто од гласовите, што е за околу 10 отсто повеќе од реформистичката коалиција на партијата „Промените продолжуваат“ и десничарската Демократска Бугарија. Конечните резултати се очекуваат денеска, а доколку првичните податоци се покажат како точни, Борисов ќе добие мандат да ја формира својата четврта влада, но ќе мора да бара коалициски партнери за формирање на својот кабинет.

„Денес остварив искрен и пријателски телефонски разговор со господинот Бојко Борисов, на кој со задоволство му ја честитав победата на сестринската партија ГЕРБ на парламентарните избори во Бугарија. Во текот на разговорот изразив уверување дека ќе се формира стабилна Влада на десниот центар во Бугарија, која ќе даде придонес во отстранувањето на пречките што го успоруваат македонскиот пат кон Европската Унија. Верувам дека само со заеднички напори и дијалог можеме да градиме подобра иднина за сите граѓани на нашите две земји“, напиша премиерот Мицкоски на својот фејсбук профил.

Тој очекува дека македонско-бугарските односи ќе продолжат да се развиваат во позитивен и продуктивен правец, водени, како што вели, од почит и разбирање, за доброто на сите нас.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ