петок, 18 октомври 2024
Официјална посета на претседателот на Владата на Србија

Мицкоски: Регионалното поврзување е приоритет на Македонија и на Србија на патот кон ЕУ

Денешната официјалната посета на претседателот на Владата на Република Србија, Милош Вучевиќ на Македонија, од македонскиот премиер Христијан Мицкоски беше оценета како „повеќе од формален состанок, таа беше израз на заедничката желба за подобра иднина и зацврстување на врските помеѓу нашите две земји“.

Објавено на

часот

Сподели

„Денеска, тука во Скопје имавме значајна и искрена средба со премиерот на Република Србија, господинот Милош Вучевиќ. Нашата средба беше повеќе од формален состанок, таа беше израз на заедничката желба за подобра иднина и зацврстување на врските помеѓу нашите две земји. Во срцето на нашите разговори беше разбирањето дека споделуваме многу повеќе од заедничка граница. Многу од граѓаните на двете земји споделуваат историја, култура, семејни врски и, најважно од сè, заеднички стремежи за просперитет и мир за нашите народи“, кажа Мицкоски на заедничката прес-конференција со гостинот од Србија, неговиот колега Вучевиќ.

Мицкоски истакна дека на средбата разговарале за начините како да се продлабочи економската соработка, како да се поврзат луѓето од двете соседни земји и како да се создадат можности за идните генерации кои доаѓаат.

„Посебно се осврнавме на културната соработка и образованието. Се согласивме дека инвестирањето во младите е инвестирање во иднината. Кога нашите млади уште повеќе ќе се поврзат, ќе учат едни од други и ќе создадат заеднички проекти, тогаш сме сигурни дека регионот ќе оди напред“, вели Мицкоски.

Во раговорите меѓу Мицкоски и Вучевиќ тема биле и предизвиците со кои се соочува регионот, во контекст на европските аспирации на Македонија и на Србија.

„Во овие турбулентни времиња, неопходно е да бидеме заедно, да бидеме глас на разумот и да работиме кон стабилност и безбедност на целиот регион. Ја истакнавме важноста на дијалогот како единствен пат за решавање на спорови и недоразбирања. Во однос на нашите европски аспирации, ја потврдивме заедничката визија дека иднината на регионот е Европската Унија. Знаеме дека патот до таму не е лесен, но веруваме дека со заеднички напори и поддршка можеме да ги исполниме критериумите и да ги донесеме придобивките од европската интеграција на граѓаните во регионот“, истакна македонскиот премиер на прес-конференцијата.

Една од важните теми на состанокот било енергетското поврзување на двете земји.

„Исто така можам да кажам дека зборувавме во делот на енергетското поврзување на двете земји. Посебно ја истакнавме важноста од изградбата на гасниот интерконектор којшто ги поврзува или ќе ги поврзува во иднина двете земји. Бидејќи ние сме сега во фаза на завршување на тендерска постапка со којашто конечно ќе отпочне изградбата на интерконекторот со нашиот јужен сосед, за да обезбедиме дополнителна опција за снабдување на гас на Централна Европа. Овој интерконектор со нашиот северен сосед е исклучително значаен. Тоа беше еден од важните сегменти во нашите разговори. Во фаза сме да го пуштиме во употреба или продуктоводот или во јасноста познат како нафтовод којшто ја поврзува нашата земја со нашиот јужен сосед. Цениме дека тоа би било добра опција, да истиот тој продуктовод или нафтовод биде поврзан и со нашиот северен сосед и на тој начин да обезбедиме уште еден коридор“, наведе премиерот Мицкоски.

На официјалната посета на Макеоднија на српскиот премиер Вучевиќ се зборувало и за изградба на брзата пруга, којашто е дел од Коридорот 10 и претставува стратешки приоритет на македонска влада, исто како што е и Коридорот 8.

„Но заеднички приоритет е изградба на Коридорот 10 и со нашиот северен и со нашиот јужен сосед. И на тој начин практично ги опфативме оние теми коишто се важни, видовте и самите, присуствувавте на потпишување на Меморандум за соработка во делот на енергетиката, рударството и минералните суровини. Така што можам да кажам дека регионалното поврзување останува приоритет за двете држави и тоа регионално поврзување да биде дел од идното поврзување и интегрирање во рамките на Европската Унија “, кажа Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со Милош Вучевиќ.

Во контекст на градење добрососедски односи била отворена и темата за одржување на заеднички владини седници.

„Мислам дека односите помеѓу двете земји се на исклучително високо ниво и во периодот што следува истите треба да ги продлабочуваме. Како македонска влада нашата ориентација е многу пати повторена, ќе ја повторам и денеска, а тоа е да градиме добрососедски односи со сите наши соседи и нормално заеднички како регион да бидеме дел од Европска Унија“, порача од прес-конференцијата македонскиот премиер Христијан Мицкоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ