среда, 23 октомври 2024

Мицкоски претпочита модерен стил, барокот на Груевски ни годинава нема да биде завршен

Недовршените објекти од проектот Скопје 2014 го грдат лицето на главниот град и би сакал поскоро да бидат завршени, но јас сум љубител на модерниот стил, изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање каков е планот на Владата за недовршените објекти од 2014, со оглед дека со ребалансот на Буџетот не се предвидени пари за завршување на тие згради годинава.

Објавено на

часот

Сподели

„Тоа е прашање кое што мене лично многу ме засега како човек роден во Скопје, израснат тука и навистина е премногу грдо онака како што изгледа сега незавршено и бараме начин за голем број од тие објекти како да ги завршиме. За вкусовите не сакам да дискутирам, можеби некој има одреден правец во уметноста којшто му се допаѓа, а можеби мене тоа не ми се допаѓа, но јас сум љубител на модерниот стил и би сакал тие згради и објекти да бидат час поскоро завршени само за да не го грдат лицето на главниот град бидејќи се заборавени“, рече Мицкоски при посетата на Царинската управа.

Тој истакна дека пари од Буџетот за довршување на зградите од проектот Скопје 2014 не се предвидени бидејќи се прават анализи каков е нивниот правен статус, бидејќи, како што рече, дел од тие објекти се и приватни инвестиции.

„Ние како држава не можеме и тие приватни објекти да ги санираме, но секако со инвеститорите би сакале да разговараме, да работиме тоа се заврши, да видиме што можеме да помогнеме. Прочитав еден податок дека бројот на туристи кај нас е зголемен за 11 проценти споредено со минатата година, додека читам во околината оние традиционално интензивни туристички држави имаат намален број на туристи, во некои од државите и до 20-25 проценти“, рече премиерот.

Најави специјална политика во областа на туризмот.

„Многу скоро од денеска во месец септември ќе објавиме нов пристап, потоа очекуваме сето тоа да почне да функционира со неколку чартери на ден од март, бидејќи многу е важно да имаме јасна промоција на туристичките капацитети коишто ги нудиме како држава и за да тоа биде комплетно и убаво ние мораме ова што е останато незавршено да го завршиме. Откако ќе ја завршиме таа анализа бидете сигурни дека веќе во буџетот за следната година тоа што е работа на државата ќе биде завршено. Дали ќе го напуштиме тоа треба да кажат стручните лица архитектите. Ќе повторам, доколку е тоа возможно јас сум љубител на модерниот стил“, рече Мицкоски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ