Мицкоски, кој во Вашингтон присуствува на Самитот на НАТО по повод 75 години од формирање на Алијансата, информира дека разговарал со црногорскиот премиер, хрватскиот претседател, унгарскиот премиер, а ја издвои и средбата со соседите, бугарскиот и албанскиот премиер.
Меѓу другото, како што рече, пораката која што ја испратил е дека „помина времето на свиткани кичми, на корумпирани политичари и политичари кои што се подготвени да ја заштитат својата корупција и криминал и да направат буквално сѐ“.
„Втората порака која што ја испратив е дека помина времето на свиткани кичми, помина времето на корумпирани политичари кои што доаѓаат од Македонија и политичари кои што се подготвени да ја заштитат својата корупција и криминал и да направат буквално сѐ. Да потпишат сѐ, да го прифатат секое понижување кое ќе им биде понудено на маса само да го заштитат својот криминал. Тоа време е веќе историја и минато. Мораме да зборуваме како вистински партнери, да зборуваме како соседи, бидејќи партнерството и добрососедството е двонасочна улица и ние сакаме тоа да го негуваме и само така да го гледаме“, додаде Мицкоски.
Потенцираше дека ќе дадат сѐ од себе да го повратат загубеното достоинство.
„Навистина даваме сѐ од себе да го повратиме она изгубено достоинство кое што изминатите 7 години, за жал го немавме, не се само овде во Вашингтон, туку насекаде во светот бидејќи нѐ претставуваа политичари, кои за среќа на граѓаните се сега веќе минато“, порача Мицкоски од Вашнгтон.