четврток, 27 јуни 2024
Започна седницата за избор на нова влада

Мицкоски: Одлучно ќе одговориме во областите кои се доведени до клиничка смрт

Економско заживување, зголемување на пензиите и платите, инвестиции во образованието, здравството и културата, борба против корупцијата, одговорност за секој криминал и реформи усогласени со европските стандарди, најави мандатарот и премиер на новата влада Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Објавено на

часот

Сподели

На денешната собраниска седница на која се бира идната влада, Мицкоски веќе за во вторник најави инвестиција од 400 милиони евра, а потоа и намалување на даноците и зголемување на пензиите.

„Доаѓа часот кога татковината треба да направи повеќе за граѓаните, секој од вас направи се за својата татковина, сега е време таа да прави за вас. Според сознанијата што ги имаме, ситуацијата во повеќе области е рамна на клиничка смрт, институциите се доведени до колапс. Одлучно ќе одговориме и за се јавноста ќе биде известена. Нема да барам 100 дена меден месец, туку најавувам инвестиции веднаш, веќе во вторник инвестиција повеке од 400 милиони евра, потоа намалување на даноците и зголемување на пензиите“, рече Мицкоски.

Тој за следната недела најави нова инвестиција од повеќе од 400 милиони евра, намалување на даноците, покачување на пензиите и обезбедување пари за капитални проекти. Како што кажа Мицкоски, носечката цел на новата влада ќе биде обнова на довербата во институциите, елиминација на корупцијата, обезбедување владеење на правото и економско заживување.

„Мора да постигнеме раст на БДП до 5% годишно. Ниска стапка на инфлација не повеќе од 2 до 2,5 отсто годишно. Намалување на невработеноста до 7,5 отсто. Односно создавање на нови 55 илјади работни места. Ќе ги намалиме даноците. Ќе обезбедиме секое дете да оди во градинка. Инвестиции во инфраструктурата од над 2 милијарди евра за 4 години,  завршување на автопатот Кичево – Охрид, реконструкција и рехабилитација на железничкиот коридор 10 и набавка на возови, како и 250 милиони евра капитални инвестиции во општините. Ќе работиме на децентрализацијата. Ќе направиме формирање на посебен фонд за врвна наука преку кој ќе фатиме чекор со светските истражувачки центри, обнова и реновирање на училишта, како и зголемување на платите во образованието согласно со Колективниот договор, зголемување на буџетот во образованието, силни инвестиции во здравството и нови болници и многу други работи. И конечно одговорност и фронт против корупцијата, прочешлување на имотот на судиите, обвинителите и функционерите“, рече Мицкоски.

Тој се осврна и на европските интеграции, меѓуетничките односи, на пензионерите и културното наследство, но и на спортот.

„Продолжуваме и понатаму да стоиме заедно со нашите партнери од ЕУ и заедно ќе усогласуваме заедничката надворешна политика со ЕУ. Продолжува и поддршката на Украина да се брани и да го одбрани својот суверенитет и територијален интегритет. Ќе инвестираме во културата и заштита на културнто наследство. Развојот на спортот е клучен за поттикнување на националната гордост и промовирање на здрав начин на живот. Младите се иднината, а ние сме посветени на создавање средина каде што тие ќе можат да напредуваат. Грижата за нашите пензионери е приоритет. Градењето добри односи со нашите соседи е од суштинско значење за регионалната стабилност и просперитет. Развојот на меѓуетничките односи е фундаментален дел од нашата визија. Прославувајќи ја нашата различност и обезбедувајќи еднакви можности за сите, ќе изградиме посилно и покохезивно општество“, рече мандатарот Мицкоски.

Тој ѝ се обрати и на опозицијата и побара поддршка од сите пратеници.

„Вие ќе ја имате мојата подадена рака да седнеме и разговараме за сите отворени и важни прашања. Важни прашања за граѓаните. Јас ќе се однесувам со должна почит кон вашите предлози и не очекувајте политички хајки затоа што нема да го трошам времето на тоа што го трошевте вие. Но ќе има одговорност за секој криминал. Ја барам вашата поддршка да ја менуваме нашата татковина. Да создадеме услови за подобар живот. Ќе продолжиме напред со гордост и одлучност, обновувајќи ја Македонија која е повторно ваша – каде што транспарентноста и отчетноста не се само идеали, туку реалност. Со ваша поддршка ќе го направиме ова место, место на просперитет, правда и надеж за сите. Државата да ја вратиме на народот. Македонија повторно горда, за секој еден од вас“, рече Мицкоски.

Собраниската седница ја следат претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претставници на диломатскиот кор.

Според собранискиот Деловник, предвидено е седницата да трае најмногу два дена, односно треба да заврши најдоцна до утре на полноќ. Владата ќе биде избрана ако за неа гласале мнозинството од вкупниот број на пратеници.

Во новата влада ќе има вкупно 20 министерства, четири повеќе од досега. Владата ќе брои 24 члена. Покрај премиерот, ќе има уште 23 вицепремиери и министри, од кои 20 со ресор. Мицкоски ќе има пет заменици односно вицепремиери, а еден од нив ќе биде „прв вицепремиер“. Во владиниот кабинет, 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ