понеделник, 15 април 2024

Мицкоски: Очекувам убедлива победа на Силјановска-Давкова

Очекувам убедлива победа во првиот круг со предност поголема од 100.000 гласови во однос на второпласираниот Стево Пендаровски, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по потпишувањето за кандидатурата за претседател на државата на Гордана Силјановска – Давкова во подрачната канцеларија на ДИК во општина Карпош.

Објавено на

часот

Сподели

Собирањето граѓански потписи за Силјаноска-Давкова почна утрото во 8 часот и како што рече Мицкоски до 12 часот според пресекот на Државната изборна комисија се собрани над 15.000 потписи, а проценките се дека до 14 часот се собрани над 22.000. Ова, како што рече, е силен индикатор дека граѓаните се одлучни за промени.

Во однос на кандитатурата на Стевчо Јакимовски од ГРОМ и Билјана Ванковска од Левица, Мицкоски вели нивната улога е да се обидат да го ослабат потенцијалот на Силјановска-Давкова.

„Тоа јас го коментирав уште од самиот почеток, според динамиката на собирање на потписи за нивна поддршка, ако се спореди со денешната динамика со Силјановска – Давкова е неспоредливо. Јасна е нивната улога, нивната улога е да се обидат да го ослабат потенцијалот на Силјановска – Давкова. Тие немаат друг капацитет ниту потенцијал, но мислам дека после резултатите од првиот круг на претседателските избори ќе им стане јасно што може да очекуваат две недели потоа, каде само ќе биде потврдена победата на Силјановска-Давкова“, истакна Мицкоски.

Вистинското прашање е, вели Мицкоски, кого ќе поддржат овие кандидати во вториот круг, бидејќи како што рече, јасно е дека во првиот круг тие ќе имаат само естрадна улога.

„Дали ќе останат доследни измеќари на нивните наредбодавачи и во вториот круг ќе го поддржат претпоставувам Стево Пендаровски или можеби нешто друго ќе кажат на своите гласачи, тоа е вистинската тема со која треба да се занимаваме, што ќе прават овие луѓе во вториот круг дали навистина ќе бидат опозиција како што тврдат или ќе продолжат да бидат опозиција на опозицијата и ќе го поддржат Стево Пендаровски, доколку се квалификува во вториот круг“, рече Мицкоски.

Тој изрази благодарност до сите граѓани и информираше дека до 14 часот собрани биле веќе 22.000 потписи за професорката Гордана Силјановска-Давкова.

Кандидатурата на Силјановска-Давкова е поддржана и со потписи од 30 пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ