сабота, 27 јули 2024
Парламентарни избори 2024

Мицкоски: Ние ќе ја развиваме државата, која сега е артанизирана со СДСМ и Пендаровски

Кога велиме 61 пратеник, велиме заради стабилна влада и за да ја развиваме државата, нека не нè прават антиалбанци, порача лидерот на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на предизборен митинг во Пехчево. „Има две опции, од една страна Пендаровски кој е претставник на артаноидидниот режим, измеќар на Али Ахмети и опцијата Сиљановска Давкова“, рече Мицкоски. На митинг во Делчево тој рече дека не го чуди што Бранко Црвенковски го замрзнал членството зашто СДСМ е „во скутот на ДУИ“.

Објавено на

часот

Сподели

„Луѓето се обединуваат околу промените, а потоа сето она кое го изгубивме во изминативе 6 и половина години ќе треба да го надоместиме, да го исправиме, да ја трансформираме Македонија, да ја направиме повторно горда и повторно твоја. За тоа да се случи потребна е поддршка од граѓаните, победата треба да е историска со 61 пратеник, изјави Мицкоски на митингот.

Мицкоски посочи дека некои овие зборови за 61 пратеник ги извртуваат за да го направат анти –  Албанец, но порача дека не е анти – Албанец, туку е анти на криминалците од ДУИ – „Али Ахмети, Артан Груби и сличните“.

„ Кога велиме 61 пратеник мислиме да имаме стабилна влада која ќе ја трансформира Македонија, влада која ќе ги исправи сите погрешни политики од изминативе 6 и половина година. Планираме да ја развиваме државата. Мора да ја вратиме надежта кај граѓаните. Затоа е важно оваа порака на национално единство да ја рашириме низ Македонија. За национално обединување“, изјави Мицкоски.

Мицкоски посочи дека на претседателските избори има две опции, од една страна Стево Пендаровски кој е претставник, како што нагласи, на артаноидидниот режим, измеќар на Али Ахмети, кого, како што додаде, пет години никаде го нема и ги ужива сите привилегии на Водно и од каде, како што потенцира Мицкоски, најубаво му е да каже дека Гоце Делчев е Бугарин и дека ако не бил претседател ќе се отселел.

„Од другата страна е професорката Гордана Сиљановска Давкова која е жена борец, патриот, и изминативе 4 години во парламентот покажа дека се бори за своите принципи и со аргументи ги брани македонскиот национален интерес и идентитет. И не само од Македонија туку и надвор, таа е борец за македонскиот народ и Македонија“, изјави Мицкоски.

Мицкоски воедно истакна дека програмата на ВМРО-ДПМНЕ е направена преку консултации со граѓаните.

„ Од вас зависи каква ќе биде иднината, да се обединиме и мобилизираме и да ја рашириме пораката за горда и твоја Македонија да го заокружиме бројот 2 за Гордана Силјановска Давкова, и за коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ за да може да ја трансформираме Македонија“, потенцира Мицкоски.

Претходно на митинг во Македонска Каменица, Мицкоски побара мобилизиација на гласачкото тело заради голема победа и ја спомена „шарената револуција“.

„Пред шест и половина, седум години оние т.н. шарени, обоени револуционери, низ Македонија ветуваа ќе донеле живот, потоа ветуваа дека ќе донесат едно општество за сите, но за жал ако се присетиме на тоа што го ветија и тоа што го реализираа, тогаш ќе дојдеме до еден заклучок дека од тоа што ветија ништо не реализираа, а реализираа тоа што не ветија. Односно тоа што го ветуваа не го реализираа тоа што беше добро, а реализираа погрешно, а тоа не го ветуваа“, рече Мицкоски.

Вечерва и од митинг во Делчево тој упати порака зарад „тендер интересите на СДСМ и ДУИ“.

„И многу ми е жал што пропуштаат историска шанса и што се седнати во скутот на Али Ахмети. И не ме чуди што и нивниот лидер Бранко Црвенковски го замрзна членството. Да можат и многу други ќе се замрзнат само да не го гледаат срамот во кој таа партија се претвори. Ја користам оваа прилика да го споменам, и нивниот претседател кој што доаѓаше од редовите на СДСМ, а беше претседател на Македонија, велеше  ‘многумина сакаат Македонија да ја приграбат’. Тој тогаш им порача, епа не може, ама Ковачевски никако да му текне и им вели – повелете, еве цела Македонија ви ја ставам на тацна само оставете ме уште еден ден во фотелјата“, рече Мицкоски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ