Тој истакна дека македонското прашање нема никогаш да биде затворено додека главните и стратешки цели не се реализираат, а тоа е полноправна членка на Европската Унија.
„Второ, вие знаете дека Судот за човекови права има донесено плејада пресуди коишто се однесуваат на човековите права на македонската заедница во нашиот источен сосед, коишто не се почитуваат. Зборуваме за 21 век, зборуваме за земја членка на Европската Унија којашто не ги почитува човековите права на македонската заедница. И тоа е нешто што претставува сериозен проблем. Вие гледате дека во 21 век сѐ уште е предизвикан и македонскиот идентитет. Би било неодговорно, несериозно, издајнички од мене ако јас кажам дека македонското прашање е затворено. Не е затворено и ќе се борам за македонското прашање сѐ додека ја вршам оваа улога којашто ја вршам, а тоа е претседател на македонската влада, бидејќи граѓаните тоа го очекуваат од човекот којшто ја предводи македонската влада“, изјави премиерот Мицкоски.
Во тој контекст, Мицкоски рече оти знае дека во минатото имало луѓе коишто ја предводеле македонската влада, на коишто македонското прашање воопшто не им било ни меѓу првите 10 приоритети.
„Но ќе ве молам да се навикнете на Влада во којашто прв приоритет на претседателот на Владата му е македонското прашање“ – потенцираше Мицкоски.
На истиот настан денеска, на увидот на реконструкцијата на патот Катланово – Градманци, одговарајќи на новинарско прашање во однос на впечатоците од посетата на САД, премиерот уште еднаш потврди дека посетата била исклучително корисна и очекува набрзо резултатите да бидат видливи.
„Многу сум задоволен, исклучително сум задоволен. Посетата беше исклучително корисна, плодна и очекувам во периодот којшто следи резултатите да бидат видливи, интензивни и големи. Она што го кажувам честопати, ќе го повторам и сега. Ние домашната задача и домашната борба ќе ја водиме, еве за вакви проекти, за добра инфраструктура, за нови градинки, за нови училишта, за поконкурентна економија, за поквалитетно здравство, за подобро образование и така натаму. Тоа се работи коишто дома ние ќе ги решаваме и таа битка ќе ја водиме и ќе ја добиеме.
Но, исто така мораме да победуваме и во Вашингтон, и во Њујорк, и во Брисел, и во Рим, и во Париз, и во Лондон, и во Берлин, насекаде и во други метрополи во светот. И да бидеме што е можно погласни и што повеќе аргументи да презентираме кај нашите соговорници, за македонското прашање, за сите оние предизвици коишто се пред нас, но и оние коишто беа позади нас. И мислам дека сме на добар пат. Инстант резултати, нема, но важно е дека тоа што го правиме, го правиме исклучиво за интересот на граѓаните и татковината којашто единствено ја имаме“, порача Мицкоски.