сабота, 21 декември 2024

Мицкоски најави завршување на патната инфрастуркура, ќе пушта во употреба експресни патишта и коридори, гранични премини

Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека се очекува до Нова година да бидат пуштени во употреба двата експресни патишта Ранковце – Крива Паланка и Градско – Прилеп, а во план е и модернизација на коридор 10, односно врската север – југ од Табановце до Гевгелија.

Објавено на

часот

Сподели

„До Нова година очекуваме да го пуштиме во употреба делот, кој иако беше фаворизиран, некако беше заборавен, но благодарение на вончовечките напори на Министерството за транспорт и врски, на мминистерот Александар Николоски лично, на директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) Коце Трајановски, овој пат од Ранковце до Крива Паланка би требало да биде пуштен во употреба. Исто така и уште една пат, од Градско преку Росоман до клисурата Фариш, практично тоа е оној експресен пат кој треба да води до Прилеп. Тоа се првите два дела, третиот е од клисурата Фариш до самиот Прилеп и тука очекуваме напредок, бидејќи и тој беше некако заборавен. Претставува проблем една карпа која надвиснува над патот и постои опасност во одреден момент да се урне. Но, и за тоа се бара решение, да можеме до Нова година и тој пат да го пуштиме“, изјави денеска премиерот одговорајќи на новинарско прашање како се одвива изградбата на експресните патишта.

Она наследство кое ни беше оставено со коридорите 8 и 10д, односно, како што рече Мицкоски, оние четири секции кои треба да ги поврзат Тетово и Гостивар, од Гостивар до Букојчани, од село Требениште до граничниот премин Ќафасан и од Прилеп до Битола, се работат.

„За жал поради немањето проекти, односно проектирањето во текот на изградбата, многуте нерешени имотно-правни проблеми, проблеми со експропријација, даваме вончовечки напори тоа да го решиме. Таму динамиката е многу, многу забрзана споредено со минатото, но, сепак не е на она ниво на кое сакаме да биде. Но, набргу од денеска мислам дека ќе го постигнеме тоа ниво на динамика кое го очекуваме“, рече Мицкоски по почетокот на реконструкцијата на царинскиот терминал кај Деве Баир.

Мицкоски соопшти дека почнуваат со проектирање, односно со поврзување со експресен пат од Куманово до местото Чатал и потоа преку Длабочица до Крива Паланка.

Тој инфорира дека остануваат уште неколку секции кои ќе се работат во следниот период со што, како што рече, целосно ќе се заокружи патната инфраструктура во Македонија, не само со автопати, туку и со експресни патишта.

Мицкоски најави дека во план е модернизација на коридор 10, врската Север – Југ од Табановце до Гевгелија.

„Имаме дилема дали да одиме по истата траса, каде ќе треба да се модернизираат шините и електрификацијата, со што би се достигнала просечна брзина од 110 – 120 километри на час, што не е големо достигнување имајќи предвид дека сега просечната брзина е од 25 – 30 километри на час, како во 19 век. Ќе биде барем четири пати поголема оваа брзина. Или, пак, да направиме т.н. брза пруга што би се исправила кај Свети Николе и би се спуштила кај Гевгелија, со крак кон Скопје и Велес, каде возот би можел да сообраќа со брзина од 220 до 250 километри на час“, рече Мицкоски, додавајќи дека го откриле овој проект, кој е од 70-те години од минатиот век.

Премиерот нагласи дека прават напори за консолидирање на јавните претпријатија Македонски железници инфраструктура и транспорт.

„Беа оставени на милост и немилост повеќе од 200 вагони во пристаништето во Грција зошто немавме функционална локомотива. Таа беше состојбата на 24-25 јули. Полека оспособивме две стари дизел-локомотиви, нешто позајмивме од соседна Србија и работиме напорно да ги реконструираме или да ги поправиме кинеските локомотиви бидејќи тие во моментов нема кој да ги поправи. Останат е долг кон компанијата која ги испорачува, тој долг не е палтен и затоа тие не сакаат да дојдат да ги поправат“, појасни Мицкоски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ