понеделник, 21 октомври 2024

Мицкоски најави кадровски промени во мешовитата историска комисија со Бугарија

Ќе има кадровски промени во мешовитата историска комисија со Бугарија, најави денеска македонскиот премиер Христијан Мицкоски. Еднаш годишно, на 15 септември, Министерството за надворешни работи на Македонија го продолжува мандатот на членовите на комисијата со право да менува и членови.

Објавено на

часот

Сподели

Мицкоски денеска изјави дека актуелниот состав на мешовита комисија не ги оправдала очекувањата и не била заштитник на националните интереси на македонскиот народ.

„Нема политичка позадина. Нормално е новите луѓе кои управуваат со новата влада, да има и кадровски промени. Не гледам тука што е страшно. Мислам дека актуелната мешовита комисија апсолутно не ги оправда очекувањата и не беше заштитник на националните интереси на македонскиот народ. Инаку, да – логично е кога имате нова влада да има и промени во одредени институции, не гледам тука зошто би имало политика“, изјави Мицкоски.

Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања беше формирана како резултат на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија потпишан на 1 август 2017 година.

Комисијата е составена од историчари и професори од двете земји, а македонскиот тим го предводи академик д-р Драги Ѓорѓиев, член на МАНУ и професор на Институтот за национална историја (ИНИ) на УКИМ.

Откако се избрани членовите на македонскиот дел од Заедничката македонско-бугарска мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, речиси и да немаше  персонални промени.

Комисијата годинава одржала три состаноци и засега нема напредок, се разговара околу прашањата врзани за Средниот век, а на средбите се дискутирало за содржината на учебниците по историја за основното образование кои го третираат периодот Среден век. Тоа се учебниците по историја за шесто одделение во Бугарија и за седмо одделение во Македонија.

Досега заедничката комисија даде препораки за заедничко чествување на светите Кирил и Методиј, светите Климент и Наум и за Цар Самоил. Остануваат големите разлики помеѓу двете страни особено за историјата во 19 и 20 век.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ