среда, 29 мај 2024
Парламентарни избори 2024

Мицкоски: На 8 мај ДУИ сериозно ќе бидат изненадени, нервозата им се познава отсега

„Сега во Македонија имаме политичка гарнитура која повеќе од две децении е на власт, тоа се ДУИ чија суштина се поделби и грабеж на народот. Но, на овие избори сериозно ќе бидат изненадени, а им се познава нервозата затоа што после 8 мај ќе треба да одговараат за сето она што му го направија на народот, за целиот грабеж“, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христија Мицкоски на митингот во скопски Чаир.

Објавено на

часот

Сподели

„Кога ќе анализирате која е суштината на ДУИ, Али Ахмети и Артан Груби, Бујар Османи, Талат Џафери и останатите, кај нив нема ништо посебно, тие само го делат народот по етничка основа и така опстојуваат. Дали некој може да се присети на некоја добра работа која Али Ахмети и Артан Груби ја имаат направено, но можам да кажам десетици лоши работи“, рече Мицкоски.

Тој кажа дека според најновите анкети што ги добил денеска, ВМРО-ДПМНЕ ќе извојува голема победа и на 24 април и на 8 мај.

Мицкоски се осврна на проектите кои ги планира идната влада од ВМРО-ДПМНЕ и посочи дека ќе инвестираат 250 милиони евра секоја година во општините, односно една милијарда во четиригодишен мандат.

„Во Чаир ќе има висока сума, еден од проектите е проширување на булеварското решение на влезот од Бит Пазар кон Чаир и тоа мора да се направи и го повикувам градоначалникот да се пријави со повеќе проекти. Тоа ќе додаде вредност во квалитетот на живеење. На Македонија ѝ треба обединување и единство не поделба“, потенцираше Мицкоски.

Додаде дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ планира да отвори нови 55.000 работни места, да функционира со владеење на правото на целата територија и да нема територии каде ќе владејат шерифи.

„Да обезбедиме пристојни услови за поголем инвестициски бран и од странство и од домашни инвеститори за да може децата да останат тука. Мораме и тие кои си отидоа да ги вратиме назад. Да обезбедиме надеж. Ве повикувам на 24 април сите да се обединиме околу број 2 и да гласаме за Гордана Силјановска Давкова, а потоа да се обединиме и заедно на 8 мај да испишеме историја за коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ“, повика Мицкоски од митингот во Чаир.

Претходно, митинг на ВМРО-ДПМНЕ беше одржан и во Сарај, од каде партискиот лидер ја критикуваше ДУИ дека за да го затскријат сопствениот криминал „неосновано го обвинуваат дека е антиалбанец“.

„Кога зборувам за криминалот на ДУИ и кога зборувам за криминалот на првенците во ДУИ тие ме обвинуваат дека сум бил антиалбанец затоа што сум го обвинувал Ахмети дека неговиот мит на идеолог падна со правиот момент кога одлучи неговиот сват да вози ролс ројс додека народот во Сарај, во Чаир, во Тетово, во Гостивар, едвај крпи крај со крај. Кога неговиот внук за десетици милиони евра одлучи да купува трговски центар во центарот на Скопје, кога семејството на Артан одлучи низ градовите во Македонија да купува имоти вредни десетици милиони евра и кога го поставував прашањето од каде пари за сето тоа. Тогаш ме обвинуваа, тоа ме мотивира да продолжам да се борам против криминалците во политиката, без разлика дали тие биле Албанци, Македонци, Бошњаци, Турци Срби, Власи, Роми, мојата единствена цел е конечно во Македонија да изгрее сонцето и сите криминалци во политиката кои што се богатат на нашиот грб без разлика на нивната етничка и верска припадност да одговараат за сето она што им го сториле на граѓаните. Ќе продолжам да се борам затоа што криминалот нема етничка припадност“, порача Мицкоски од митингот во Сарај.

Тој повика на единство, обединување, промени, чесност и правда без разлика на етничката  припадност, што според него, ќе стане возоможно ако граѓаните го дадат својот глас за Гордана Сиљановска Давкова и коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ