сабота, 27 јули 2024
Избори 2024

Мицкоски: Масовно гласајте за да не нѐ уценуваат – Сиљановска Давкова: Исчекор кон четвртиот Илинден

Во предвечерието сме на финалната одлука  дали Македонија ќе му ја вратиме на народот или ќе остане заробена, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на завршниот митинг во Прилеп на коалицијата Твоја Македонија. Тој побара од граѓаните масовно да гласаат за коалицијата „за да не нѐ уценуваат“, како што нагласи. Кандидатската за претседател на Македонија, Гордана Сиљаноска Давкова порача со масовно гласање да се направи нов исчекор кон, како што рече, четвртиот Илинден.

Објавено на

часот

Сподели

„Ние сме пред одлуката дали Македонија ќе ја вратиме на народот или ќе остане киданапирана во рацете на стотина луѓе, на партиите кои силно ја држат во своите канџи и ја злоупотребуваат и крадат секој ден. Во овој клучен момент, да ја потврдиме нашата посветеност на демократијата, на слободата и на вредностите кои не’ обединуваат како народ. Да ја отфрлиме апатијата и цинизмот и наместо тоа да ја прифатиме моќта на нашиот колективен глас да донесе значајни промени“, рече Мицкоски на митингот.

Тој додаде дека со граѓаните заедно се надминати безброј предизвици, премрежиа и бури, но како што нагласи, напредувавме со непоколеблива решителност.

„И сега, додека стоиме на прагот на новото поглавје во приказната на нашата нација, да го искористиме овој момент со храброст и со одлучност. Нашата победа е на дофат. Но, не е доволно само да веруваме во подобро утре. Мора да дејствуваме. Мора да се мобилизираме. Мора да гласаме. За да немаат можност да нѐ уценуваат никогаш повеќе! Ве повикувам да излезете на избори со гордост и со одлучност. Да тргнеме гордо и масовно на избирачките места, обединети за да може нашите гласови најсилно да оддекнат низ сите краишта на Македонија. Заедно ќе изградиме иднина достојна за нашите аспирации. Заедно ќе го напишеме следното поглавје од приказната за Македонија. Заедно ќе победиме“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на митигот во Прилеп и нагласи:

„Оваа нашата Македонија е градена на темелите на Илинденците, од солзите и лелекот на нашите мајки. Ова е можеби последната шанса зашто духовните темели станаа приватни. Ве повикувам сите да излезете на изборите за да не нѐ уценуваат“.

Мицкоски ги повика неопределените гласачи да не се двоумат и да излезат на гласање заради промени и подобро утре во државата, а на граѓаните кои се на ум да гласаат за помалите партии им порача дека силата, како што рече, е во ВМРО-ДПМНЕ. Тој ги повика граѓаните масовно да ѝ дадат глас на кандидатката на коалицијата за претседател на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова.

Во своето обраќање на митингот Гордана Сиљановска Давкова рече дека ќе биде претседател на сите граѓани и дека непоколебливо ќе се залага за почитување на правната држава.

„Сите ние да направиме заеднички исчекор, нов АСНОМ, четвртиот Илинден. Во овие 30 години, особено во овие мачни седум години се изнагледавме чудни нешта. На 8 мај да ја повториме лекцијата од 24 април. Народот легитимира и делегитимира. Да поставиме темел за горда Македонија. На 9 мај ќе почне нова демократска историја и не дозволувајте оние кои повикуваат на бојкот да го суспендираат вашето право на глас на избор“, рече Сиљановска Давкова.

Таа оцени дека по иззборите ќе започне нова демократска историја.

„На овие избори се случува чудо, не доаѓаат само реки од народ од Македонија, туку и нашите Македонци од странство. На младите им порачувам, не бегајте од Македонија, не одете си! На 9 мај ќе почне нова демократска македонска историја! Ќе имаме нова одговорна власт! Немојте да дозволите оние кои повикуваат на бојкот да ви го суспендираат избирачкото право. Тоа е ваше! Излезете и гласајте! Така ставате камче во новиот темел на демократска Македонија“, порача Сиљановска Давкова.

На вечерашниот завршен митинг на ВМРО-ДПМНЕ носителот на листата во ИЕ 4 Александар Николовски рече дека изборот не бил никогаш полесен.

„Дали ќе имаме нормална држава или држава што тоне во корупција, тоа е изборот. Осми мај е круна на нашата борба. Денес нашата генерација добива шанса да ја направи Македонија пристојно место за живеење“, рече Николовски и додаде:

„На 8 мај одлучуваме дали во паника, Али Ахмети, Талат Џафери, Артан Груби и Бујар Османи ќе ги враќаат духовите од минатото и ќе ги бакнуваат знамињата на УЧК или ние гордо ќе ги вееме нашите македонски знамиња. На 8 мај одлучуваме дали Македонија ќе се доиспразни или ќе има одговорност за криминалците. На 8 мај одлучуваме  дали во Македонија ќе се градат патишта или Венко Филипче и Благој Бочварски ќе монтираат неизградени патишта на компјутер како луѓето да не гледаат што се случува“.

Тој истакна дека потребна е масовна референдумска излезност.

„Кога рековме не за промена на Уставот под бугарски диктат ние бевме сериозни во тоа и го направивме тоа, кога рековме битка со организираниот криминал и корупција ние бевме сериозни и не потклекнавме под ниедна уцена и закана, кога рековме ќе ја чуваме македонската национална гордост ние го направивме тоа, кога рековме градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе работат без скандали го рековме и го направивме тоа и затоа кога велиме влада без ДУИ ние го мислиме тоа и ќе го направиме тоа, ќе одат во опозиција и ќе одговараат“, посочи Николоски.

Тој кажа дека овие избори се и за слобода на уставобранителите и правда за онеправдените.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ