четврток, 20 март 2025

Мицкоски: Ќе ги отвориме и случаите за модуларна болница и за Ласкарци

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски вечерва порача дека ќе се отворат сите претходни случаи меѓу кои и оној за пожарот во модуларната болница во Тетово и за сообраќајната несреќа кај Ласкарци истакнувајќи дека ќе се оди до крај и ќе има одговор што точно се случувало, односно како што рече или ќе има победа за Македонија и граѓаните или за мафијашите. Алудирајќи колку длабоко и насекаде е навлезена корупцијата во земјава, Мицкоски напомена дека раководителот на секторот за урбанизам во Општина Маврово – Ростуше е фатен во земање мито за документи од странка.

Објавено на

часот

Сподели

Мицкоски во гостување на Сител рече дека ги следи сите случаи, меѓу кои и оној за пожарот во модуларната болница во Тетово и за сообраќајната несреќа кај Ласкарци и знае во која фаза се.

„И очекувам обвинителството многу јасно да ја прошири истрагата и да го идентификува не само возачот на автобусот или управителот на правното лице, туку да видиме во кој испитен центар кажале дека тој технички е исправен, кој дал тој испитен центар да функционира така што функционира. Зошто во модуларната болница е променето министерството од едно во друго, кога е правена јавната набавка, зошто кабелот е виновен, кој го направил проектот и дали можеби недостасуваат некои елементи, таму каде што мислам дека недостасуваат. За сето ова ќе има одговор, ќе има разврска. Нема ништо да оставиме. Јас ви реков тргнавме, нема сега запирање, сега одиме до крај. Или тие или ние. Во животот постојат две работи, или тој или ти. Не може двајцата да опстанат, или ние ќе опстанеме, Македонија и граѓаните од една страна, или мафијашите. Нема место за двајца“, рече Мицкоски.

Премиерот истакна и дека ги поддржува и оправдува собирите на граѓаните поради смртта на 59-те лица во пожарот во Кочани, но, сепак, потенцира, дека преку неправда не смее да се гради правда.

Според Мицкоски, градоначалникот на Кочани Љупчо Папазов дента кога решил да поднесе оставка рекол дека стои на располагање за сѐ што треба во однос на истрагата, како и дека ако нешто погрешил, ќе одговара и нема да бега.

За дел од критиките во јавноста дека бил во посета на повредените од пожарот, Мицкоски повтори дека не влегувал со камери, ниту имал намера да прави промоција од тоа. Го испочитувал протоколот и смета дека како премиер требал да им даде поддршка на граѓаните, да им покаже дека Владата со сите свои ресурси стои зад нив. Човечки е, рече, да се подаде рака, да се поразговара со некого и да се охрабри.

„За собирите на граѓаните, нормално е тоа, таму има луѓе кои се гневни на сѐ што се случувало децении наназад и додека собирите се мирни, демократски, ги поддржувам и оправдувам. Не можам да оправдам анархија и стихија, разбирам револт, гнев, критика, но преку неправда да градите правда не смее. Во однос на Папазов, лично го знам и можам да кажам сѐ најдобро за него, знам како се чувствуваше тој ден. Се надевам дека ова нема да биде акција на ‘преки суд’ и така мора да се однесуваме. Не смееме да дозволиме анархијата да суди, има органи за тоа“, истакна Мицкоски.

Премиерот ги пофали обвинителите, дека веднаш излегле на терен, како и дека работат заедно со МВР.

„И покрај тоа што имаме големи разлики со работењето на обвинителите, овојпат покажаа голема мобилизација, утрото во осум часот беше мобилизирана голема екипа која дојде во Кочани, веднаш се зафатија со работа, имам информации дека групата е проширена и се работи по 16 – 17 часа. Овие три дена МВР и Обвинителството работат заеднички да утврдат основано сомнение за постоење одговорност, да се обезбедат лицата и мислам дека се проширува, но и да покажат неселективност. Среќен сум што и покрај разликите за работата на Обвинителството има синхознирирано дејство меѓу нив и МВР“,  рече премиерот.

Тој најави дека истрагата нема да остане само на овој случај, туку дека ќе се прошири на цела територија. Во врска со револтот кај граѓаните, Мицкоски не очекува никакви „српски сценарија“.

„Фоскуриан сум на ова што сега го работам, оваа Влада доби легитимитет од огромен број граѓани и има речиси двотретинско мнозинство во Парламентот. Ако не успееме во битката протв мафијата, јас сам ќе ја урнам оваа Влада и ќе се оди на избори зашто не сум успеал, ме поразиле. Ако не успеам, сам ќе заминам, или ќе направиме нешто или ќе не нема сите. Таков момент дојде, тоа е задачата на оваа генерација. Нема тука сценарија, српски, вакви или такви, овде има едно сценарио, или ќе ја добиеме битката или сите ќе излеземе поразени и ќе ја нема државата“, нагласи Мицкоски.

Алудирајќи колку длабоко и насекаде е навлезена корупцијата во земјава, напомена дека раководителот на секторот за урбанизам во Општина Маврово – Ростуше е фатен во земање мито за документи од странка.

„Ние сите деновиве тажиме, а тој мртов ладен се договара за 13.000 евра, ги зема и никому ништо“, рече Мицкоски. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ