сабота, 27 јули 2024

Мицкоски има најави дека нови пратеници ќе се приклучат на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ до 61

Веќе има најави од нови пратеници кои планираат да ја поддржат новата влада. Очекувам до 28 мај да консолидирам како претседател на партијата 61 пратеник. Вие споменавте 58 пратеници или нешто повеќе од 436.000 гласови, нешто што до сега е незапаметено на толкава излезеност и на толкав процент на освоени гласови од позиција на опозиција. И ценам дека овој историски резултат можеби многу тешко понатаму да се повтори, рече Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, вечерва во емисијата „Само интервју“ за ТВ Канал 5.

Објавено на

часот

Сподели

Тој повторно потврди дека коалицијата Вреди ќе биде нивниот главен коалициски партнер, која ја оцени како вистински претставник на албанската заедница во земјава, и додаде дека во идната влада се добредојдени сите кои ќе ја почитуваат предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ.

„Со освојување на 107.000 гласа, коалицијата Вреди го потврди својот кредибилитет за да бидат кредибилен партнер на идната влада која ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија. На секого ќе му дадеме шанса иако не очекувам ДУИ да ги прифати новите политики на владата. Ахмети се опкружи со погрешни луѓе затоа негова одговорност е да оди во опозиција. Сепак, потребни ни се 80 пратеници во парламентот за системски реформи и затоа секому ќе му дадеме шанса“, рече Мицкоски.

Тој најави дека демографијата и фертилитетот ќе бидат голем предизвик за новата влада и порача дека ќе се реформираат министерствата и ќе има префрлање на надлежности од едно во друго министерство, како и дека повеќе нема да има министри без ресор.

Утре, како што кажа, ќе има средба со коалициските партнери од Твоја Македонија на која ќе ги слушне и нивните мислења и предлози за идната коалициска влада.

„Неформални комуникации со потенцијалниот коалициски партнер Вреди постојат и сега, но најпрво треба да имаме средби со коалицијата Твоја Македонија и да одбереме луѓе кои ќе преговараат, а за нив треба одобрение да ни дадат и органите на партијата“, посочи Мицкоски и додаде дека не сака да води преговори под притисок и ултиматум, туку со дијалог и аргументи.

Мицкоски нагласи дека тој е првиот што сака да ја види земјава во ЕУ, но додаде дека не прифаќа ултиматуми со кои, како што рече, македонскиот народ ќе ги плаќа грешките на некои неразумни политичари.

„Мора да покажеме карактер ако сакаме да не почитуваат, а не да бидеме потчинети“, потенцира Мицкоски.

Тој укажа дека од ова раководство на ДУИ не очекува промена на нивните ставови.

„Јас од ова раководство на ДУИ не очекувам промени во позициите и дека би ги поддржале овие политики кои ние ги промовираме. Но, секому ќе му дадеме шанса. Нема да се однесуваме игнорантски како владата до сега“, вели Мицкоски.

Мора да се има разбирање и за опозицијата и да се излезе во пресрет и на некои барања на опозицијата, додаде Мицкоски.

„Не може односот да биде имаме 61 пратеник, мнозинство и на останатите да им се лепат етикети“, кажа Мицкоски.

Според него мора да се ослободат  граѓаните од притисокот во кој живеат.
„Видете какви вести има, се сѐ кои од кои полоши. Тоа мора да се смени“, изјави Мицкоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ