недела, 20 октомври 2024

Мицкоски и Перински најавија нов капитален проект на Владата вреден 250 милиони евра

Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа Златко Перински денес одржаа конференција за медиумите на која го најавија почетокот на реализацијата на проектот од кој Владата ќе одвои 250 милиони евра за инфраструктурни и капитални проекти за развој на општините и подобрување на животот на граѓаните.

Објавено на

часот

Сподели

За таа цел е објавен јавниот повик за аплицирање на општините за инфраструктурни проекти врз основа на претходно утврдени критериуми и процедури на министерствата за транспорт, за животна средина и просторно планирање, за образование и наука, за социјална политика, демографија и за млади, спорт и Министерството за култура и туризам.

Министерот Перински го објасни начинот и роковите за пријавување на општините за инфраструктурни проекти.

„Општините можат да аплицираат со еден или повеќе инфраструктурни проекти од областа на културата, спортот, животната средина, патна инфраструктура, како и од областа на социјална политика и образованието. Рокот за пополнување на формулар е седум дена, и истиот пополнет со проекти од страна на општината треба да се достави до Министерството за локална самоуправа. Потоа во рок од 10 дена целосната документација од страна на општините се доставува до ресорното министерство од областа на проектот каде ќе се врши евалуација на истиот. Евалуацијата се очекува да заврши во период не подолг од 10 дена и врз основа на истата, ресорните министерства подготвуваат предлог одлука кои проекти ќе се финансираат од нивната област и таа предлог одлука се доставува на усвојување на владина седница“, вели Перински.

Целта на овој отворен јавен повик е да се доделат средства на општините за проекти со чија реализација ќе се придонесе за унапредување на инфраструктурата на локално ниво со директен импакт врз зголемување на економскиот раст, развој во општините и зголемување на квалитетот на живот на граѓаните.

Премиерот ијзави дека право да поднесуваат апликации и предлог – проекти имаат општините, општините во градот Скопје и градот Скопје и испрати апел што е можно повеќе општини, независно од политичката провиниенција на градоначалниците да учествуваат во овој повик.

„Ние сме Влада на сите граѓани, и нашата цел е да се подобри животот на сите граѓани. Овие пари значат повеќе проекти и решенија за граѓаните за нови улици, булевари, училишта, градинки, водоводи, канализации, сѐ она што в суштина им е потребно на граѓаните. Ова е прв ваков проект од толку обемен карактер за инфраструктурен развој на општините во историјата. 250 милиони евра од централниот буџет за вистинските потреби на граѓаните. Во минатото се правеле инфраструктурни проекти во главниот град, но никогаш секаде и за сите општини во толку голем обем како што е замислата со овие 250 милиони евра и свесен сум дека голем дел од општините се соочуваат со вистински потреби за развој на инфраструктурни проекти и капитални инвестиции. До крајот на оваа година со овој јавен повик на располагање за општините се ставаат 6 милијарди денари, и ова е првата фаза од вкупно 15 милијарди денари или 250 милиони евра за капитални проекти. Одблиску ќе ја следам реализацијата на проектите, а процесот ќе биде целосно транспарентен и достапен на увид на целата јавност. Со ова покажуваме дека се гради за народот. И дека помагаме и се грижиме за секој еден граѓанин“, изјави Мицкоски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ