Како што јави специјалниот известувач на МИА од Будимпешта, Мицкоски изрази надеж дека овој процес конечно ќе биде откочен за земјава, со голема поддршка од Унгарија.
„Се надевам дека конечно овој процес и за нас ќе биде откочен, со голема поддршка од нашата пријателска Унгарија и ние како држава ќе почнеме да преговараме. И убеден сум дека ако имаме можност во многу скоро да ги почнеме преговорите врз основа на вистинските Копехагенски критериуми и ќе ги завршиме и ќе бидеме дел од Европа“, истакна премиерот.
Потсети дека денеска во Будимпешта се одржа и втората меѓувладина седница, по таа во Охрид во септември минатата година. и истакна дека и присутните министри на билатерално ниво со нивните колеги договарале продлабочување на соработката, при што ги посочи министрите за внатрешни работи и за одбрана кои разговарале за идна можна воена соработка во сферата на воената индустрија и вмрежување и настап на трети пазари.
Нагласи дека отсекогаш сме ја имале поддршката од унгарската влада, а сега таа има и финансиска димензија, преку унгарскиот кредит, средства, кои како, се користат за изградба на патишта, булевари, училишта, градинки. На меѓувладината седница, меѓудругото, станало збор и са продлабочување на соработка во делот на инфраструктурата.
Тој му се заблагодари на Орбан за досегашната поддршка.
„Тој покажа и докажа многу пати во минатото дека е човек со интегритет, дека неговиот збор планини тежи, за што ја има мојата неизмерна почит како човек и кој со своето однесувањее знае да инспирира“, рече Мицкоски и му честита на неговите резултати на полето на економијата, инвестициите и во делот на капиталните инвестиции во Унгарија.
Мицкоски нагласи дека Орбан ја водел Унгарија низ трубулентни процеси, секогаш грижејќи се за заштита на националните и државните интереси.
„Само ќе потсетам уште еднаш на неговиот громогласен став за заштита на европските граници од нелегалните мигранти, нешто за што заедно соработувавме“, рече тој.
Напомена дека заедно ќе поттикнат Европа да заземе поинтензивна улога во процес на постигнување траен и одржлив мир во Украина преку партнерство и сојузништво со САД, нешто што е и во полза на украинските пријатели, но и на самата Европа.
Мицкоски додаде дека се фокусирани на нивната обврска да го подобрат животот на граѓаните и ги спомена денеска објавените податоци за растот на БДП за четвртиот квартал, кој изнесува 3,2 отсто, што споредено со три отсто од претходниот квартал, како што рече, прави годишниот раст на БДП да биде 2,8 проценти.
„Тоа е дополнителна инспирација заедно со нашите братски пријатели, народи, да работиме заедно на полето на економијата, да работиме заедно во насока на подобрување на животот на нашите граѓани“, рече Мицкоски, додавајќи дека нивната цел е јасна – силна, стабилна и просперитетна Македонија во ЕУ.
Македонија може да смета на поддршката од Унгарија на нејзиниот евроинтегративен пат. Процесот на зачленување на Македонија во Европската Унија трае премногу долго, а за тоа не е одговорна Македонија, туку членките на Европската Унија, изјави попладнево од Будимпешта унгарскиот премиер Виктор Орбан на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
„Не само што е срамно што овој процес толку бавно оди напред, а за тоа не е одговорна Македонија, туку ние, членките на Европската Унија. Затоа ние го поддржуваме залченувањето на Македонија. Европската Унија мора да ја подобри конкурентноста и не гледам друго решение за подобрување на конкурентноста од проширувањето. Досега секое проширување на Европската Унија донесе само добро“, рече Орбан, додавајќи дека диктат од ЕУ, Унгарија нема никогаш да прифати и дека затоа мора да плаќаат казни.
Во однос на билатералните односи, Орбан рече дека трговската размена постојано расте и дека од 2010 година досега е седум пати зголемена.
„Македонија и Унгарија заедно со Србија припаѓаат на иста економски регион. По наше мислење овој простор може да биде заедничка економска зона каде што соработката може да донесе огромен еконосмки потенцијал. Проблем е тоа што ние сме во Европската унија, а овие две држави се надвор од Унијата. Што можеме да направиме? Можеме да изградиме најинтензивни билатерални односи“, рече Орбан.
Најави дека се подготвува и потпишување на меѓувладина економска спогодба.
Во однос на војната во Украина, Орбан рече дека Унгарија останува на ставот дека војната треба да прекине и дека ги поздравуваат преговорите меѓу САД и Русија.
„Три години живееме во сенката на војната. Ние ги поздравуваме преговорите меѓу САД и Русија и сме заинтересирани за успешен исход. Ние им се спротиставуваме на оние држави од Европската Унија, кои се наши пријатели и сојузници, но кои решија дека војната во Украина мора да продолжи. Продолжувањето на војната е лошо, погрешно и грешка. Во четврток за тоа ќе зборуваме во Брисел“, рече Орбан.
Двајцата премиери разговарале и за миграцијата, а од страна на унгарскиот премиер биле поздравени напорите на Македонија за чување на границата.