понеделник, 21 октомври 2024

Мицкоски и Меџити на различни позиции за можната одлука на Уставниот суд за Законот за јазиците

Што и да реши Уставниот суд во однос на иницијативите за Законот за употреба на јазиците тоа решение треба да се почитува. Да почекаме да се произнесат, да не се врши пристисок врз судските истанци, рече денеска македонскиот премиер Христијан Мицкоски. Неговиот владин коалициски партнер, првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити попладнево ги повика членовите на Уставниот суд да размислат со трезна глава бидејќи со иницијативата за оценување на уставноста на Законот за употреба на јазиците од 2019 година можат да придонесат за дестабилизација на државата.

 

Објавено на

часот

Сподели

Мицкоски смета дека не треба да се врши притисок на уставните судии.

„Да почекаме да се произнесе. Не знам зошто се прави овој притисок. Јас разбирам дека ДУИ, луѓето кои изминативе 20-ина години заробија низа од институциите, од голтари станаа милионери, ќе се обидат да манипулираат со дел од нашите сограѓани со етнички теми, па некои од нив се дрзнаа дури и со верски теми да собираат, да манипулираат и ова им е одлична тема на тој начин да манипулираат. Но, тоа што тие го направиле, е прашање на кое тие треба да одговорат. Затоа, би апелирал до јавноста да не вршиме притисок на судските инстанци, да не вршиме притисок на Уставниот суд, да почекаме Уставниот суд да се произнесе. Не сакам да верувам дека постои граѓанин во Македонија кој нема да почитува судска одлука. Ние сме држава која се темели на владеење на право. Може да се подобруваат и носат нови закони, но во рамки пред се на Уставот и интересот на граѓаните. Вистинското прашање е зошто тие што го донеле тој закон потенцијално донеле закон што е неуставен, а вратете се назад и погледнете го мислењето на Венецијанската комисија и уште тогаш ќе го добиете одговорот на оваа дилема“, изјави Мицкоски

Наспроти него, неговиот вицепремиер од коалицијата Вреди, Изет Меџити денеска изјави дека нема дилеми дека некој сака да го укине албанскиот јазик како службен јазик.

„Дилемата се отвори од пред неколку години за одредени одредби и членови од актуелниот закон. Законот за употребата на јазиците е донесен набрзина и не е како што треба. Затоа денеска остава простор некој да покрене таква иницијатива. Исто така, добиени се и препораките од Венецијанската комисија, но не се постапило по нив. Прашањето е зошто Уставниот суд чиј состав е од блиски луѓе на ДУИ и СДСМ, зошто овој предмет што го има во фиока со години, дури сега процени дека е време да се постапи, да се донесе одлука за тоа? Ние не сакаме да навлеземе и да влијаеме врз судската власт, но сакаме да им укажеме, да ги повикаме со трезна глава да размислат бидејќи со ова можат да придонесат за дестабилизација и да пореметат процеси кои не се во интерес на државата“, рече Меџити.

Неодамна претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски изјави дека одлуката на Уставниот суд мора да се прифати како израз на зрелост.

„Не може бројни политички актери претпладне од уста да не ја вадат заложбата за правна држава, за владеење на правото, за европски стандарди, а попладне да ги етикетираат одлуките на Уставниот суд како политички, етнички, верски… Законот за употреба на јазиците беше дил меѓу Зоран Заев и Али Ахмети за формирање на Владата во 2017 година. Власта го донесе со низа контроверзи, а тогашниот собарнсики спикер Талат Џафери ги изигнорира над 35.000 амандмнаи на тогашната опозиција. На законот има забелешки и од Венецијанската комисија која заклучи дека Законот за јазиците оди премногу далеку, наметнувајќи нереални обврски на институциите“, изјави Костадиновски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ