сабота, 27 јули 2024

Мицкоски го доби мандатот за состав на влада од претседателката Сиљановска Давкова

Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова денеска му го додели мандатот за формирање Влада на претседателот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Сиљановска Давкова се повика на уставните рокови и на уверувањето дека со изборот на Африм Гаши со 76 гласови ЗА за претседател на Собрането на Македонија, во парламентот е формирано мнозинство. Таа изрази уверување дека Мицкоски може да формира влада.

Објавено на

часот

Сподели

„Една од надлежностите на претседателот е доделување мандат за состав на влада. Согласно членот 90, став 1 алинеа прва, мандатот задолжително се доделува во период по истекот на десет дена од конституирањето на Собранието и тоа на лидерот на партијата, односно лидерот на партиите што имаат мнозинство. Сведоци сме дека денеска истекува десетиот ден. Исто така, при конституирањето на Собранието претседателот на Собранието беше избран со 76 гласа ЗА. Овој резултат и преговорите што се во тек ми даваат за право, основано да сметам дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски има сериозна можност да формира влада, односно да освои 61 глас за својата програма и составот на владата. Затоа чест ми е и задоволство со сигурност да верувам дека чекорот што го презема, доверувањето на мандат за состав на влада на Мицкоски е вистински правен и политички чекор“ – изјави Сиљановска Давкова.

Мандатарот Мицкоски изрази благодарност и најави дека новата влада ќе биде реформска и дека акцент ќе стави на економијата, инвестициите, на пораст на стандардот на населенеито и на владеењето на правото.

„Граѓаните се најзаслужни што Македонија ќе добие нова влада, што нас, кои формиравме мнозинство, ни дадоа легитимитет. Набргу ќе биде создадена реформсата влада која ќе работи на развој, а не на политички препирки, ќе градиме држава на еднакви граѓани“, рече меѓу другото Мицкоски.

Toj нагласи дека ќе се ангажира за силен силен инвестициски циклус и дека тоа е примарното што го очекуваат граѓаните со цел да порасне стандардот. Вети зголемување на пензиите и подобрување на состојбте во здравството, како и подобро образование и учебници на време за сите ученици.

„Мора да имаме задоволни земјоделци со загарантиран откуп со повисока откупна цена, субвенции кои што навремено ќе бидат исплатени. Да имаме задоволни припадници на министерството за внатрешни работи, министерството за одбрана. Дипломатија која што во светот ќе ги брани, штити интересите на нашето семејство, на нашето македонско семејство, а  не лични интереси на поединци, дел од нив, за жал, ќе мора во периодот кој што следи и да бидат повикани на сериозен разговор од страна на надлежниот министер“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека главна задача ќе биде и враќање на довербата во правната држава.

„Перцепцијата за криминалот и корупцијата е огромна, граѓаните имаат револт во себе, се чувствуваат небезбедни. Тоа претставува еден од главните мотиви зошто тие ја напуштаат Македонија, покрај сите овие, би рекол, лоши услови за живот, а тоа е перцепцијата за високото ниво на криминал и корупција и тука не мислам само на политичкиот криминал и корупција иако ние како политичари сме одговорни за тоа. Туку, зборувам за степенот на криминалитет кој што го гледаме низ улиците на нашата Македонија. Тоа се предизвици како и многу други кои што идната влада ќе ги има пред себе за решавање, имаме начин, мотивирани сме, излеговме на овие избори со програмата, ‘Платформа 1198’, најголем дел од решенијата за сите овие напластени проблеми се таму. Добивме речиси половина милион гласови од страна на граѓаните на изборите за таа програма и таа програма треба да се спроведе“, нагласи мандатарот.

Мицкоски на крајот од своето обраќање по добивањето на мандатот за состав на владата изрази убедвање деа ќе се смени реалноста и дека Македонија ќе стане успешна европска држава, татковина на сите граѓани, држава во коа ќе посакаат и иселените да се вратат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ