понеделник, 30 декември 2024
Дебата на ВМРО-ДПМНЕ - „Нов концепт за економски развој“

Мицкоски: Фотоволтаици да, но не уништување на плодно земјоделско земјиште

Вчера беше усвоена потребата од носењето на четирите закони, да напоменам дека тоа се практично стратешки инвестиции  во Парламентот. Две од четирите инвестиции предложени во четирите закони кои што се резултат на специјален закон кој што по скратена постапка е поднесен во Собранието се злодело кое го прави Владата на СДСМ и ДУИ врз иднината на нашата Македонија, на граѓаните и ги задолжува практично неродените деца“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на дебата „Нов концепт за економски развој“ која се одржа во Велес. На трибината говореа и потпретседателката на ВМВРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска Кочоска како и Елена Петрова, дополнителен заменик министер за финансии, Трајко Славески, претседавач на Советот на Град Скопје и Горан Ѓорѓиевски, стопанственик, потпретседател на Сојузот на стопански комори на Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

„Тоа се две инвестиции, едната е изградба на таканаречен агрофотоволтаик кој што се протега во делот помеѓу Штип и Свети Николе и вториот е фотоволтаикот во општина Пехчево. Овој агрофотоволтаик е француска инвестиција, а овој што е во Пехчево е бугарска инвестиција“, рече Мицкоски.

Мицкоски додаде дека не е против инвестиции во производни капацитети посебно за електрична енергија. Но, условите за инвестиции треба да се исти како за сите останати. Но, кај овие две инвестиции условите не се исти како за сите останати.

„Да речеме овој условно кажаниот инвеститор ќе постави фотоволтаици на 500-тини хектари плодна земја помеѓу Штип и Свети Николе. И луѓето кои што денеска ја обработуваат земјата, и луѓето кои што таму ги хранат своите семејства ќе го изгубат тоа право. И замислете таа почва и таа земја ќе му се отстапи по 0,14 денари за метар квадратен закуп. А, тој, има право потоа да ја даде повторно на некои индивидуални земјоделци според ценовникот кој што го има државата, а тоа е 70 денари по метар кавдратен. Значи тоа е 500 пати повеќе. И само од тоа тој инвеститор може да заработи повеќе од 9 милиони евра годишно “, рече Мицкоски.

Тој посочи дека за таа енергија која што ќе ја произведува инвеститорот државата му гаранитира откуп по 57 евра за мегават час во следните 30 години со тоа што секоја година ќе расте до 2 отсто.

Тој уште кажа дека ако е толку добро ова за Македонија, тогаш нека има македонска инвестиција во Франција со истите услови.

„Но, кај нас имаме политичари кои што ниту знаат, ниту пак имаат план или стратегија. Велат дека на овој начин ќе се подобрела состојбата во македонската економија. Од 270 милиони евра инвестиција, 240 е увоз. Нема ништо домашно, сѐ е увоз. Не знам како ќе се подобри перформансот на македонската економија, ако вие 90 отсто од инвестицијата увозувате“, нагласи Мицкоски.

Освен ова Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја продолжи политиката на рамен данок, ќе реалоцира 1 милијарда евра за проекти за општините и ќе понуди мултинационални компании во светот да ги пренесат своите профитни центри во Македонија.

Јавниот долг заклучно со 31 декември 2023 година е 8,5 милијарди евра, односно за седум години СДС ја задолжила државата за 3,8 милијарди евра, рече потпретседателката на ВМВРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска Кочоска на денешната дебата за Економска платформа за иднина.

Димитриеска Кочоска се осврна на, како што ги нарече, приказните на власта за капиталните инвестиции, при што појасни дека од тие 700 милиони за кои власта се фали всушност се работело за помалку од 190 милиони евра.

„Во 2023 година се фалеа дека е година во која имало најголема реализација на капитални инвестиции над 700 милиони евра, но ако гледате подлабоко на што се потрошиле тие пари, ќе видите дека 236 милиони евра се дадени на Јавното претпријатие за државни патишта, односно аванси за коридор 8 и 10.  Каков е ефектот од тие аванси кои се прикажани како капитални инвестиции?  Во исто време има капитални субвенции за претпријатија од 295 милиони евра и тоа се пари дадени на ЕСМ, Железници и други претпријатија кои не ги користат за инвестиции туку за плати и покриваат трошоци затоа што во овие претпријатија има криминал кој прави загуби и тие не можат да опстојат“, рече Димитриеска Кочоска.

Затоа, рече таа, ВМРО-ДПМНЕ не само што ветува, туку и се обврзува дека ќе има стабилизација на јавниот долг, односно намалување на јавниот долг како процент од БДП.

За една успешна економија потребно е едно деловно опкружување во кое што компаниите би можеле да работат непречено, непречено да го реализираат својот бизнис, а за тоа им е потребна една ефикасна даночна администрација, ефикасна УЈП и било каква државна администрација која ефикасно ќе им дава поддршка и услуги за да го потпомогне нивниот бизнис, наместо да им поставува бариери и пречки во извршувањето на бизнисот, кажа Елена Петрова, дополнителен заменик министер за финансии.

„Кога на некој му е потребно било каков документ од УЈП, како на пример барање за уверение за платени даноци или познато како уверение за тендер, решение за даночно ослободување и слично, треба да отиде на шалтер во УЈП, да го поднесе барањето. Потоа треба да ја користи онаа метода ‘повикај пријател’, за да му се забрза завршувањето на документот во УЈП, а можеби и треба сам да оди да си ја заврши работата од, на пример Велес во Прилеп. Доколку некому ми е потребен некој стручен совет за тоа како да ја пресмета и да ја плати даночната обврска треба да сврти 20 телефони во УЈП и можеби,  повторно, нема да го добие правиот одговор. Ваквата неефикасност на администрацијата за бизнисот претставува загубено време, трошоци и сето тоа е загуба за бизнисот“, истакна Петрова.

Таа рече дека концептот на ВМРО-ДПМНЕ за македонската економија е токму концепт кој што треба да ја подигне ефикасноста на даночната администрација, а дигитализацијата е еден од механизмите, можеби и најдобар механизам за подигнување на ваквата ефикасност.

Трајко Славески, претседавач со Советот на Град Скопје истакна дека е важно животниот стандард и економијата да растат, дека со СДСМ и ДУИ економијата стагнира а македонскиот денар за само две години е обезвреднат за 25 отсто, и посочи дека ВМРО-ДПМНЕ има поинаков пристап и ќе ги поддржи бизнисмените, ќе се идентификуваат и ќе се поддржат сите производни сектори, особено извозните со цел подобар животен стандард на граѓаните.

„Во последните 15 години светот помина низ две големи глобални кризи, 2008 и оваа со пандемијата. Во време на првата финансиска и економска криза на власт беше ВМРО-ДПМНЕ и според сите меѓународни институции Македонија помина најдобро и најбезболно во текот на таа криза. Сега сме најлоши од аспект на справување со кризата по пандемијата која што многу пократко траеше од онаа претходната. Тоа зборува за пристапот за капацитетот што може една влада предводена од ВМРО -ДПМНЕ да го испорача, да ги поттикне сите потенцијали во земјата и да ги заштити македонските граѓани. Најважно за животниот стандард е економијата да расте“, рече Славески.

Според Горан Ѓорѓиевски, стопанственик, потпретседател на Сојузот на стопански комори на Македонија околу 15 отсто од фирмите се производни компании и дека важни се две области, а тоа се иновациите и претприемништвото..

„Од есенцијално значење е силно да се таргетираат иновативните компании, силно да се таргетира претприемништвото, силно да се таргетираат производните компании. Бидејќи на еден начин, ние од бизнисот знаеме дека на нив се надоврзуваат услужните компании и сет на други компании кои што примарно им е потребно да имаат такви производни компании за да потоа тие функционираат на соодветно ниво односно на квалитетен начин“, кажа Ѓорѓиевски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ