сабота, 21 декември 2024

Мицкоски: Дома сами треба да си ги решаваме проблемите, а не со црни листи

Колку што успеав да разберам од американскиот амбасадор е дека тие располагаат со соодветни докази и дека до сега никој од истражните органи, ниту обвинителството не пристапил да ги побара тие докази. И јас ги охрабрувам, еве новиот обвинител го охрабрувам да пристапи и да ги прибави тие докази и врз основа на тие докази да почне предистрага, истрага за да ставиме крај еднаш засекогаш на сите овие тврдења дека овој бил на црната листа затоа што бил корумпиран, тој ќе биде на црната листа на САД затоа што бил корумпиран… криминалот мора да има име и презиме и мора да има јасни докази и правосилна пресуда и затоа го охрабрувам новиот јавен обвинител првиот ден да седне и да ги прибави тие докази и да почне предистрага да видиме дали е тоа нешто кое е навистина страшно, а ако е страшно треба да се процесуира, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на гостувањето на ТВ 21.

Објавено на

часот

Сподели

Тој продолжи и истакна дека тој би ги оставил настрана црната листа на САД и Обединетото Кралство бидејќи секојдневно има дневен криминал во државава.

„Ние сме сведоци на дневен криминал во државава. Оставете ја црната листа, таа листа на САД е нешто сосема друго. Ние како општество живееме во бара наречена криминал и корупција, политички криминал и политичка корупција. Не ни треба Стејт департментот или Департмент за правда и Департмент за финансии на САД да ни кажува овој е на црна листа затоа што е корумпиран, тој не е. Ние на дневна основа сме сведоци за основани сомневања за сторен криминал“, вели Мицкоски.

За Мицкоски понижувачки како граѓанин на оваа држава е тоа што некој од надвор ни ги решава домашните проблеми, бидејќи ние треба самите да си ги решиме.

„Ако јавниот обвинител кој треба да гони организиран криминал има препорака затоа што е пријател со возачот на лидерот на една политичка партија или е сосед на братот на лидерот на една политичка партија…, така какви сакате вие имајте црни листи, тие нема да ви го решат проблемот затоа што процесот колку јас што знам трае 3,4,5 години за да САД некое лице стават на условно кажаната црна листа, а во тие 3,4,5 години тоа лице мора да направи фантастичен криминал кој ќе остане неказнет и криминал кој практично ќе ја доведе државата во оваа состојба во која што е“, посочи Мицкоски.

Тој заклучи дека не треба никаква црна листа туку треба само три бази на податоци да се споредат. Тоа се УЈП, Агенција за катастар и недвижности и Централниот регистар и тогаш ќе се види кои се лицата во Македонија кои имаат несразмерни параметри.

На прашањето дали доколку ја освојат власта на претстојните избори, ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжат да го туркаат предлог законот за рестриктивни мерки, и всушност дали ќе го донесат, Мицкоски одговори дека ние не можеме да воведуваме паралелни системи.

„Колку што јас знам, тој закон повторно е вратен во парламентот, помината е потребата и распределен е на матична комисија за натамошно постапување. Мојот став е јасен – дека нема компромис со криминалот и корупцијата. Но, истовремено, треба да се знае дека секој закон кој што се носи во македонскиот Парламент, треба да биде во согласност со македонскиот Устав. Ние не можеме да воведуваме паралелни системи кои што се резултат на нечии желби. Од тоа што јас го слушам како јавна дебата, а пред неколку дена имаше една таква јавна дебата од страна на професори по кривично право, од кои што, морам да кажам, еден добар дел се поблиски до СДСМ, а еден дел од нив беа и активисти на Шарената револуција, кои искажаа жестоки критики на овој закон кој е влезен во собраниска процедура. Така што, Закон – да, но да биде уставен и да одговори на сите оние вистински потреби кои што значат борба против криминалот и корупцијата“, рече Мицкоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ