сабота, 27 јули 2024

Мицкоски: Дојде моментот кога сите заедно треба да ги промениме работите.

Македонија минувала низ тешки премрежја, била низ крстопати. Над нејзе се надвиснувале тешки предизвици. И не сакам да звучи на некакво предизборно клише, но овој пат Македонија минува можеби низ најтешкото време од своето создавање до денес. Не сме на крстопат, туку овој пат без сомнение државата е веќе влезена во погрешен правец, и мораме да ја вратиме назад, да му припадне на народот и да застане на правиот пат, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната промоција на кандидатите за пратеници.

Објавено на

часот

Сподели

„И сосема и нормално и јас сум навистина свесен дека очите се вперени кон ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, затоа што единствената вистинска сила за промени, единствена надеж во очите на народот дека нешто може да се поправи  е токму оваа политичка структура. И ние го немаме луксузот, ние го немаме изборот да не бидеме амбициозни, затоа што во спротивно Македонија нема да ја биде. А мора да не биде, затоа што Македонија пропушти многу сите овие години. Многу животи на многу луѓе се потрошија на чекање да дојде подоброто време во кое сите верувавме и за кое сите се надевавме. Македонија е заглавена во чекалницата и го живее матриксот на постојано разочарување и грда реалност, која станува веќе навика“, рече тој.

Мицкоски посочи дека многу работи кои се случија овие триесетина години независност придонесоа луѓето да станат незаинтересирани за важните работи и процеси во Македонија.

„Таквата незаинтересираност и кревање раце од работите им е добредојдена на сите оние политички елити клики кои всушност се потпросечни медиокритети кои се наоѓаат да одлучуваат за судбините на сите нас. Таквите убијци на надежта на луѓето всушност се хранат и печалат од  потргнувањето настрана на сите паметни луѓе кои соочени со бројните проблеми, разочарани од милионите пропусти на системот, обесхрабрени и навредени од примитвноста со која им се настапува од власта, решаваат да дигнат раце и се откажат од својот сон, од својот идеал и или заминуваат од државата или се потполно незаинтересирани за ваните работи. Но мора да си признаеме нешто, а тоа е дека лошите политичари ги носат луѓето кои всушност не гласаат, се пасивизираат и креваат раце од работите. Но работите до таму да овој пат никој го нема правото да им се потргне настрана на тие од власта, да ги остави да продолжат со својот децениски криминал и ситно и бездушно разграбување на Македонија. Да  потсетам дека државата не е само наша припадност, туку и наше наследство, кое многу генерации претходно  скапо го  платија и да бидеме свесни дека секоја педа македонска земја е натопена со многу страдања, борби и крв. Не е ова само наша своевина туку и наследство и слобода кон која се обврзуваме“, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски порача дека дојде моментот и часот кога време е сите заедно да ги промениме работите.

„Мора да не биде, затоа што овие избори се вистински последниот час да победат пристојните луѓе, да победи разумот во Македонија и да им кажеме на сите дека има надеж и ние сме оваа надеж и сила и структура која овој пат има озбилна навреда да ја обнови Македонија. И затоа велам, не може да не бидеме амбицциозни и го немам просторот да не се стремиме и да не се бориме кон повисоки цели и вредности“, посочи тој.

Овие избори ќе бидат историски важни и клучни не само да се поправат работи и Македонија да се спаси од погрешниот пат и бездна кон која е тргната, туку се и шанса за да се испрати порака на оние кои со децении ја разграбуваат Македонија, рече Мицкоски.

„ДУИ се политичкиот фактор кој освен тоа што СДСМ го потчини и од таа некогаш голема партија направи ситна играчка во своите раце, туку својот криминал го вгради во секоја една институција и направи дуизација, поточно криминализација на државата. Демократската унија за интеграција 20 години се провлекуваат при промена на секоја власт, и иако се учесник во секоја една афера и криминален случај, нема ниту еден човек од нивната структура кој некогаш одговарал пред словото на законот“, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листата на изборна единица 1 на денешната промоција на листите.

„И Албанците во Македонија се заложници на криминалот на ДУИ и затоа што и тие подеднакво живеат тешко, исто како што тешко живеат и Македонците, и Србите, и Турците, и Ромите, и Бошњаците, и Власите и сите останати граѓани во Македонија. Тоа што ДУИ беше зелена партија, а сега се големи европејци покажува дека тие имаат десетина лица, но едно лице никогаш не го менуваат, тоа е лицето кое што стално носат со себе, тоа е лицето на криминалот. И за тој криминал мора да одговараат и да има правда за секого. Јас сум свесен дека Али Ахмети и тие малкумина околу него, точно знаат што правеа овие повеќе од 20 години. Свесен сум дека тоа што не им појде од рака со пушка, сакаат сега од внатре, од институциите да го сторат. Нивната цел е една, а тоа е да ја опљачкаат, уништат, понижат и засрамат Македонија. Да ги понижат оние кои ја бранеа Македонија“, кажа Мицкоски.

Мицкокси укажа дека ова се избори кога да се спротивставиме на тоа.

„На овие избори народот мора да излезе масовно и да гласа. Најпрвин ќе ги пратиме во опозиција, а потоа јас ви гарантирам и ви давам збор ќе одговараат за секоја солза, за секоја пролеана солза на мајка, баба, сестра, за чедото кое ја напуштило Македонија затоа што се чувствувале граѓани од втор ред, затоа што некој им ја украл иднината. И ако некој има дилема и мисли дека се шалам од оваа Конвенција од овде ќе им кажам исто како што до сега, што би рекол еден наскоро поранешен политичар одевме до крај подготвен сум и овој пат да одам до крај. Од една страна ДУИ криминалците, од друга страна ВМРО Коалицијата и народот. Ќе одиме до крај. Се додека и последниот не одговара“, порача Мицкоски.

Мицкоски заклучи дека нападот врз ДУИ никогаш не е напад врз Албанците, туку напад врз криминалот кој тие го преставуваат и застапуваат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ