понеделник, 21 октомври 2024
Реакција на премиерот

Мицкоски бара ЈО да истражи дали луѓе од државни институции му помогнале на Рамадани да побегне

Премиерот Христијан Мицкоски денеска го повика Јавното обвинителство да ги провери тврдењата на СДСМ дека бегството на поранешниот припадник на ОВК Блерим Рамадани на Косово е реализирано со помош на луѓе од државни институции. Тврдењата на СДСМ, според Мицкоски, се ноторна лага.

Објавено на

часот

Сподели

„Добро е што конечно излегоа со тврдење. Го охрабрувам Јавното обвинителство уште денес да влезе, го повикувам јавниот обвинител кој е избран од СДС и ДУИ веднаш да влезе и да констатира фактичка состојба, а јас ви тврдам дека тоа што го изнесе пратеникот на СДСМ е ноторна лага“, изјави Мицкоски по посетата на Агенцијата за катастар на недвижности.

Мицкоски го охрабри и раководството на МВР да поднесе тужба за клевета. 

„Мораме на ваков начин да се заштитиме од ваквите лаги и конструкции. Чудно е што се конструираат вакви монструозни работи и практично тоа нас ни дава одговор со какви луѓе сме имале работа овие седум години кога тие сега од опозиција ова го конструираат. Практично, тие така и владееле, така функционирале“, рече Мицкоски.

Пратеникот на СДСМ Митко Трајчулески денеска на прес-конференција соопшти дека имаат докази од „свиркачи“ дека Рамадани ја напуштил државава и заминал во Косово на 10 август со Наим Рамука, началник на северната граница со Косово, а на 14 август, кога и избегал од земјава, бил превезен од вработен во општина Чаир по наредба на Рамука. И во двата случаја границата на Блаце ја поминале по лентата за товарен сообраќај без никаква контрола.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ