петок, 27 декември 2024

Мицкоски: „Адитив“ не е единствениот, ќе има и други случаи, јавноста ќе дознае кој ги крадел македонските граѓани

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на денешната собраниска седница за пратенички прашања истакна дека последниот случај во АД ЕСМ „Адитив” не е единствениот и нема да се заврши тука. Мицкоски рече дека ќе има и други случаи, јавноста ќе дознае кој е одговорен и кој ги крадел македонските граѓани и свесно уништувал, и „одговорност мора да има“.

Објавено на

часот

Сподели

„Тоа што се почна случај за адитивите, кои се користени во производниот процес во АД ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ; можам да кажам, како инженер, професор и како човек што одреден период поминал во таа институција за нејзино менаџирање – не само што немало потреба за набавка на толкава количина од нив, туку и цените се надвор, како што велат правниците, од правилото на испружена рака, нивната рака долго се испружувала и завршувала во џебови кај поединци“, рече премиерот.

Мицкоски истакна дека е убеден и дека осомничениот, кој не им е достапен на органите на истрагата, еден ден ќе биде достапен и ќе одговара бидејќи, како што посочи, по 7 години долгот е околу 5 милијарди денари, а нанесена е штета врз производствениот енергетски систем со неспроведување вистински ремонти, туку со шпекулативни, во смисла на „нестручно“ и на „ненавремено“.

„Би сакал да напоменам дека на тој начин на којшто несовесно се управувале производните комбинати во АД ЕСМ, му се нанесе и удар на суверенитетот на државата, бидејќи ние не сме земја што има наоѓалишта на нафта или на гас, со што директно се загрозија работни места на илјадници граѓани, и на индиректни десетици илјади што работат во компании што соработуваат со АД ЕСМ“, истакна Мицкоски и додаде дека изминатите 7 години воедно се намалил производствениот капацитет од 209 мегавати електрична енергија на мрежа до 145-150, а нови проекти и немало.

„На владина седница одглавивме 2 проекта, сакам да ја истакнам втората фаза од ветерниот парк во Богданци, нешто што претставува квалитетен проект, вториот е сончевата централа во Битола. Овие два проекта се обезбедени од европски банки, вредноста е стотина милиони евра што ќе додаде вредност во производственото портфолио. Најголем дел злоупотреби се правени во надворешна механизација за ископ на јаглен. Ако направите математика, ќе дојдете до заклучок дека денот нема 24 часа, туку 36, а годината нема 365, туку 450 или 500 дена. Побивани се законите на физиката и би сакал во доказна постапка, ако се отвори случај, да ги слушнам кои им се објаснувањата“, рече премиерот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ